„Новите филмови“ на Кинотека на Македонија

Со премиерата на документарецот „Локални херои - светски таленти“, прикажувањето на наградуваниот „Три дена во септември“ на Даријан Пејовски, новата програма „Уредник со причина“ во која својот избор прв го претстави Влатко Стефановски во Кинотека на Македонија започнаа да се вртат некои „свежи филмови“ кои полека стануваат мамка за пошироката публика.

Владимир Ангелов, в.д директорот на Кинотека на Македонија, знае да каже дека во институцијата е цели 23 години. Дека на почетокот работел како филмолог во Филмскиот архив, но кога се доселиле во новата зграда и се стекнале со услови за редовна филмска програма станал нејзин уредник. Дополнува дека имало и забелешки, но дека генерално, секогаш за неговиот избор се говорело во суперлативи. Од таму, како што вели, „новите филмови“ во Кинотека веројатно се резултат на тоа што тој самиот и посветува повеќе време на филмската програма, меѓутоа дека вклучува и повеќе соработници во нејзината реализација.

„Некои идеи кои тлееле порано почнуваат да се реализираат. Една од нив е оваа насловена „Уредник со причина“ во која отворивме со Влатко Стефановски. Не е тоа нешто ново. Повеќе фестивали кои функционираат и во Кинотеката и надвор од неа функционираат на тој принцип. Ние само земавме и го сервираме тоа пред една нова публика“, истакнува Ангелов.

Тој појаснува дека се чувствува зголемениот интерес и не само кај заколнатите љубители на филмот, но смета дека овде не било присутно само неговото влијание и залагањето на тимот туку и „целокупната општествена клима и релаксиранот“, соработниците што од надвор се ангажираат во реализацијата на филмската програма, пријателите на Кинотека...

„Се поклопуваат некои коцки кои се надевам дека ќе придонесат за поголема видливост на Кинотека на Македонија на културната сцена, меѓутоа и до поголем број на посетители што институцијата со својата дејност би ја привлекла“, вели тој.

Говорејќи, пак, за тоа Влатко Стефановски да биде првиот „Уредник со причина“, Ангелов вели дека тој несомнено бил неговиот прв избор. Истакнува дека имал мал милион (дури и банални) причини за тоа – од тоа што сè уште не може да им се насити на првите четири албуми на ЛЕБ И СОЛ (своевремено според нечие мислење „најдоброто нешто јужно од ЛАЈБАХ“), згора што е голем почитувач на неговата солистичка кариера, преку тоа што ги следи ставовите на Стефановски за музиката, уметноста, та дури и општествените случувања и сè така до фактот што гитаристот е и исклучително плоден автор на театарска и филмска музика.

„Овој месец продолжуваме со гостин уредник кој повторно ни доаѓа од музичката фела – тоа е Васко Атанасовски од БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА. Изборот на филмовите е и одраз на сопствениот карактер, на она што го работиш и слично. Тој го одразува карактерот на уметникот, на оној што ќе се најде во позиција да ги бира филмовите. Ќе биде интересно. За понатаму, некаде во април го планираме Игор Иванов Изи, ајде си велиме така малку да ги подбуцнеме и филмаџиите од средната генерација, а се надевам дека интерес ќе пројават и помладиве. На ум ми е и еден Илија Пенушлиски којшто е голем љубител и познавач на филмот. Меѓутоа не мора да остане тоа на луѓе којшто се занимаваат со уметност, или со политика и кои се некако видливи во јавноста. Изборот може да го направи секој филмофил, човек што ја љуби уметноста, меѓутоа не се треска од земја да биде препознаен на општествено-политичката или културната, на јавната сцена. Дефинитивно ќе бидеме отворени за секакви лица што го љубат филмот“, вели тој.

Во контекст на ваквото „отворање“ кое оди паралелно со есенцијалната грижа за Архивот се и идните планови кои подразбираат прикажување на две кинематографии кои досега не се нашле на програмата на Кинотека. Едната е финската кинематографија за која е познато дека во моментов е навистина интересна, популарна и наградувана и која ќе биде претставена со селекција од шест филмови, проект што се работи во соработка со амбасадата на оваа земја во Белград, соседна Србија. Вториот проект Кинотека на Македонија ќе го работи во соработка со амбасадата на Полска и Полскиот архив, а тематски е врзан со златните години на филмскиот ривајвл во таа земја – односно со филмовите снимани во текот на 1960-те години.

„Во овој циклус кој ќе оди на почетокот на мај годинава ќе ги имаме најзначајните филмови од 1960-те години од режисери како Анжеј Вајда, Мунк, Роман Полански...и други. Значи филмови коишто оставиле цврста база и траен белег во светското културно наследство“, смета Ангелов.