Достапни линкови

„Реквием за госпоѓа Ј“ за почеток на Скопскиот филмски фестивал


Реквием за госпоѓа Ј, филм
Реквием за госпоѓа Ј, филм

Со македонската премиера на копродукцијата „Реквием за госпоѓа Ј“ на Бојан Вулетиќ, овој четврток, во 20 часот, во киното „Милениум“, ќе започне 20-то јубилејно издание на Скопски филмски фестивал. На манифестацијата, од 20 до 28 април, ќе бидат прикажани повеќе од 70 актуелни филмски остварувања, а програмската понуда подразбира и бројни гостувања на реномирани филмски имиња, ретроспектива на творештвото на големиот Стенли Кјубрик, работилници и по прв пат реализација на проектот за интеграција „Креираме заедно“.

Урбано Скопје, од 20 до 28 април, наново ќе ги чествува соништата и магијата на подвижните слики. На градот отруен од политика и замешателства, беспарица и турбо-филозофија, во тој период, на три локации – кината „Милениум“ и „Фросина“ и Кинотека на Македонија, ќе му се случува 20-то јубилејно издание на Скопски филмски фестивал, манифестацијата која и овојпат ќе се обиде да не однесе во еден поинаков, попромислен, похуман свет.

И во нејзини рамки, во осум програмски целини, околу 75 актуелни филмски остварувања, реномирани филмски творци како гости, работилници, ретроспектива на творештвото на големиот Стенли Кјубрик и по прв пат реализација на проектот за интеграција „Креираме заедно“.

Случувањата ќе започнат со македонската премиера на „Реквием за госпоѓа Ј“ на режисерот Бојан Вулетиќ, филмот кој беше прикажан на годинешното 67 издание на Берлинскиот филмски фестивал, кој на белградски ФЕСТ безмалку ги собра сите награди – најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра женска улога, и делото кое на 21 Интернационален филмски фестивал во Софија стана добитник на наградата ФИСПРЕСЦИ што ја доделува Интернационалната федерација на филмски критичари.

Се работи српско – македонско – руско – бугарска и француска копродукција која ја раскажува приказната за службеничката Јелена, која решава да изврши самоубиство, но сфаќа дека ништо не е едноставно во земјата што постојано оди напред-назад помеѓу маката и транзицијата.

На свечениот чин на отворањето на Фестивалот пред публиката е планирано да се поклонат легендарната Мирјана Карановиќ која ја игра главната улога, режисерот и сценарист Вулетиќ, како и дел од интернационалната филмска екипа.

И, уште неколку битни програмски цртички. Гала програмата ја красат новата комедија на оскаровецот Фернандо Труеба, „Кралицата на Шпанија“ со Пенелопе Круз во насловната улога, „Невидливиот гостин“ на Ориол Пауло, прекрасно снимен трилер кој е продолжение на прославениот „Тело“ од 2012, „Младиот Маркс“ на Раул Пек (беспрекорно снимена, класично замислена биографија што го прикажува создавањето на Комунистичкиот манифест), „Заливот Слек“ - новото остварување на Бруно Думон со славната Жулиет Бинош во главната женска улога (необична, мрачна комедија за буржоаското и екстремно ексцентричното семејство Ван Патегем)...

Во селекцијата Авторски филм, пак, се најдоа филмови како „Загубени во Париз“, најновото дело на режисерите Фиона Гордон и Доминик Абел, новиот трилер и црна комедија „Кафуле“ на Алекс де ла Иглесија, а тука е и вториот дел од полуавтобиографската филмска трилогија „Бесконечна поезија“ на магот на контракултурата, Алехандро Ходоровски.

Од друга страна, во рамките на Панорама на светскиот филм, публиката ќе има можност да види шест остварувања, меѓу кои се рускиот „Ученик“ на режисерот Кирил Серебреников, американскиот „Каков што си“, импресивниот првенец на 23-годишниот Мајлс Џорис-Пејрафит и „Вива“ на режисерот Педи Бретнах - првиот ирски филм што влезе во потесна конкуренција за Оскар од неанглиско говорно подрачје, филм што е снимен во Хавана.

Тука се и најинтересните француски филмови, а во рамки на програмата Краток филм ќе бидат прикажани 12 филмови од европска продукција и уште 13 краткометражни шпански дела.

„Би сакале да понудиме филмови кои се со висок сензибилитет, уметнички, естетски, кои обработуваат најразлични теми и содржини коишто нас не опкружуваат во секојдневното живеење, а публиката нема можност да ги проследи на редовниот репертоар на киносалите. Тоа беше главната идеја во креирањето на репертоарната политика на Скопскиот филмски фестивал“, вели Павел Маслов, член на организациониот тим на Фестивалот.

Од годинешното јубилејно издание на манифестацијата посебно за издвојување се уште неколку значајни целини. Имено филмските сладокусци ќе имаат можност да ја погледнат Ретроспективата на прославениот Стенли Кјубрик, во рамките на која ќе бидат прикажани пет негови филмови. По тој повод специјален гостин на Фестивалот ќе биде познатиот Јан Харлан, извршниот продуцент на кјубриковите филмови, кој на 23 април, по проекцијата на филмскиот класик „Пеколен портокал“, ќе одржи предавање и ќе одговара на прашањата на публиката.

Со нагласено внимание се очекува и програмата насловена како Македонска продукција која е предвидено да ја донесе премиерата на „Ах љубов моја“, најновата филмска комедија во режија на Коле Ангеловски, како и неколкуте краткометражни остварувања од домашната продукција.

И, конечно Скопје филм фестивал и Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“ од Скопје, годинава, преку програмата „Креираме заедно“, за прв пат ги вклучија и најмладите во креирањето на фестивалската програма.

Детската филмска програма е планирано да понуди филмови наменети за сите деца кои се обидуваат да урнат некои табуа и стереотипи за луѓето со попреченост, а во програмата учествуваа ученици со и без попреченост на возраст од 9 до 14 години од осум инклузивни училишта од Скопје, Тетово и Струмица кои во духот на самозастапување говореа за себе и својот свет преку работилниците за фотографија, видеозапис и ликовно решение за плакатот на детската програма. Креативните работилници ги водеа уметниците: Ване Костуранов (плакат), Наташа Гелевска (фотографија) и Јане Алтипармаков (видеозапис).

„Посебно на видео работилниците сфативме дека има доволно материјал и за филм и излезе едно документарно видео парче од 10 – 15 минути каде што децата со различности и нивни пријатели раскажуваат за сопствените животни околности, услови, начинот на којшто го поминуваат времето и интересната страна е што децата со различности се самите сниматели, камермани, на проектот“, истакнува Алтипармаков.

Тој дополнува дека документарецот премиерно ќе биде прикажан во Кинотека на Македонија, по што е предвидено одржување на трибина на која ќе учествуваат интелектуалци и уметници од нашава сцена и ќе дебатираат за тоа дали децата со различности се доволно застапени во нашево општество и како ние ги третираме. Колку сме ги заборавиле во амбиентов на висока политичка тензија.

Кон ова само уште информацијата дека проектот беше имплементиран со поддршка од Европската унија, како дел од програмата „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и Турција“, а е кофинансиран и спроведен од страна на УНИЦЕФ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG