Господине Сугарески, добивте и грант од ЕУ за пругата кон Бугарија. Нејзината изградба започна во 1993 година, па повторно беше актуелизирана во 2014 година, сега вие ветувате дека со максимални напори ќе биде готова до 2025 година. Што е толку тешко во пруга од стотина километри за таа да се гради 32 години?
Значи, би сакал да зборувам за периодот од 1 јуни кога оваа реформска влада дојде на власт. Ние ги преземаме сите мерки, вклучително и добивањето на грант средства од 70 милиони евра во Трст. Максимално работиме на тоа да бидат отклонети сите можности и во делот на експропријација и во сите потешкотии коишто претходно ги имало. Константно имаме средби и со директорот на Јавното претпријатија Железници – инфраструктура, наредниот период планираме повторно да имаме средба со сите оние коишто се вклучени во изградбата на таа делница со цел да ја интензивираме првата делница. На втората делница знаете дека е завршена проектната документација и обезбедени се 145 милиони евра, од кои 70 милиони евра се грант, а пред неколку дена заврши изготвувањето на проектната документација за третата делница од Крива Паланка до бугарската граница, каде што согласно програмата се обезбедени 60 милиони евра ИПА средства. Значи, наоѓаме начини како да се забрза динамиката на правењето на таа делница до Република Бугарија, со цел до 2025 година, согласно роковите, да бидат исполнети плановите и граѓаните да имаат бенефит, а тоа е да ја имаме таа пруга.
Гасификацијата исто така е тема што со децении се слуша во Македонија. Имате проблеми со експропријацијата во некои делови каде што треба да поминува рутата. Имате ли некаква проекција кога ќе заврши поврзувањето со Бугарија и со Грција?
Оваа година ќе отпочне интерконекциската врска со Република Грција, исто така ќе отпочне и со Република Бугарија. Тука би сакал да кажам дека Министерството за транспорт и врски, заедно со владата се разбира, планираат магистралните гасоводи комплетно да бидат завршени на почетокот на 2020 година. Тоа значи дека ние како Министерство треба да обезбедиме до пред секоја општина да има магистрален гасовод, а секундарната гасификација треба да ја направат општините. Во делот на експропријацијата останати се 20-тина предмети во делот на Штип-Неготино, околу 160 предмети во делот Кавадарци-Прилеп-Битола и околу 700 предмети коишто во моментот се работат во делот Скопје-Тетово-Гостивар.
Ве обвинуваат дека без потреба го одолговлекувате пуштањето во употреба на автопатот Демир Капија-Смоквица.
Зошто ако било без потреба, тие не го пуштиле автопатот? Ние според законите ја забрзуваме постапката. Очекувам дека до средината на февруари надзорот ќе даде позитивен извештај, се со цел до средината на април тој автопат да биде пуштен во употреба.
Целото интервју со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.