Возрасни за гласање, деца кога треба да им се плати помош

Архива - Здружението „Сплотени срца“ на родители на деца со попреченост, постави шатори спроти Собранието на Македонија

Државата ги третира лицата со попреченост како деца до 26 години и им исплаќа три пати помала помош. Но, кога се работи за гласање, државата ги третира како полнолетни со навршување на 18 години.

Прашањата поврзани со егзистенцијата и преживувањето се ригорозни кон луѓето со попреченост од кои државата бара да бидат гласачко тело.

Животот не ги поштедил овие луѓе кои секојдневно се соочуваат со низа проблеми и молат од државата поголема поддршка во обезбедување на здравствена услуга и грижа со кои барем дел од тешкотиите ќе им се олеснат и за миг ќе се почувствуваат подеднакви со останата граѓани.

Маја Стоилкоска, мајка на 18-годишно девојче со попреченост, вели дека парите за детски додаток што ги добиваат не се соодветни за возраста и потребите на овие лица.

„Мојата ќеркичка наполни 18 години, а има и право на глас, а таа сè уште спаѓа во група на деца со потреби и прима 4.200 денари како детски додаток, но тоа не се доволни средства за да може еден родител да издржи со тие средства. Овие деца примаат лекови, има деца со разни дијагнози и повеќето од лековите не се на позитивна листа и како родители ги набавуваме сами. Каде се другите работи? Децата имаат и други потреби“, вели Стоилкоска.

Луѓето кои имаат проблеми со видот, слухот, говорот или други попречености велат дека и тие се дел од општеството и вложуваат онолку колку што можат и затоа бараат да не бидат дискредитирани со одредбата во конвенцијата за лица со посебни потреби на ОН во која се третираат како деца до 26-годишна возраст. Нивното согледување и порака го аргументираат со контрадикторниот став на државата кон овие лица, посочувајќи дека кога стануваат полнолетни, државата им овозможува да учествуваат во креирањето на политичкиот живот и со навршување на 18 години се еднакви со останатите гласачи.

Суаред Алишан, координатор на Националната коалиција различни, посебни, а еднакви-менуваме, вели дека нивната организација иницира потреба од промена на членот во конвенцијата на ОН во кој како деца се третираат лицата до 26-годишна возраст. Тие бараат можност возрасната граница до која се третираат како деца да биде до 18 години. Со тоа се менува и форматот на социјална помош и наместо 4.250 денари, колку што добиваат како посебен детски додаток, тие со наполнување 18 години би добивале помош од околу 11.500 денари во која е вклучена и нега од трето лице, колку што им следува на лицата со попреченост по 26-тата година.

„Постои член кој вели дека како деца се третираат до 26 години. Да, од причина што согласно светските здравствени укажувања велат дека има деца кои кои доцнат од две до три или од три до пет години со нивниот психички или физички развој. Станува збор за повредување на членот дека децата се заштитени до 26 години, моето увидување е тогаш зошто децата кога ќе навршат 18 години политичките партии тие лица, нивните гласови ги вбројуваат за избор на владата и претседател и слично“, вели тој.

Лицата со посебни потреби велат дека не сакаат да имаат само одговорности кон државата, туку и права.

Маја Стоилкоска вели дека со поместувањето на старосната граница, дел од тешкотиите ќе им се олеснат

„Кога ќе се помести старосната граница тоа ќе биде многу подобро за нас. Ние ќе земаме нега од трето лице зашто не добивме помош само за нас. Мора да го однесеш секој ден детето на училиште, да го вратиш назад, а одиме на работа и затоа за нас многу би било подобро и со тоа ќе им се олесени дел од живот и ним, зашто ќе обрнеме внимание повеќе и на другите нивни потреби. Или пак лековите да ги има и да се стават на позитивна листа“, вели Стоилкоска.

Алишан вели дека со поместување на старосната граница ќе се овозможи поголема социјална инклузија и осамостојување на лицата со попреченост.

„Со тие 11.500, лицето кога ќе наполни 18 години може да добие постабилен живот, може да креира семејство и да да биде функционален во општеството, додека на 26 години со 4.500 не може да биде функционален. Има пример, двајца со попреченост во брак од по 22 години никаде не работат, а живеат со детски додаток. Тој член се повредува со оние ново настанати ситуации кога како лица се осамостојуваат и треба да бидат одговорни“, вели Алишан.

Од Министерството за труд и социјална политика ни рекоа дека Македонија e меѓу 82-те земји кои што ја потпишаа Конвенцијата на 30-ти март 2007 година, а Факултативниот протокол го потпиша на 29-ти јули 2009 година.

Промените на членовите во наведената Конвенција се обврска на ООН, и МТСП нема можност да предлага промена на истите, велат од таму.

Во однос на иницијатива за намалување на возрасната граница за децата со попреченост од 26 на 18 години, од МТСП информираат дека во моментот прават анализи на моменталната законска регулатива во делот на социјалната заштита, и дека подготвува сосема нов Закон за социјална заштита, каде е планирано да се воеде програма за минимален приход, но е предвидено и редефинирање на некои од постојните права, и поврзување со правата од детската заштита.

Во дефинирање на идните права и политики секако дека ќе биде вклучена и пошироката јавност и ќе се разгледаат можностите за подобрување на финансиската поддршка што ја добиваат родителите на децата со попреченост, наведуваат од Министерството за труд и социјална политика. ​