Не многу по исклучително успешното претставување на Скопје танцов театар на престижниот „Холанд денс фестивал“, Културниот центар Интерарт со нова едукативна мисија – промоција на проектот „Инкубатор“, чија реализација е поддржана од Амбасадата на Швајцарија во Република Македонија. Станува збор за нова платформа за едукација и развој на млади уметници од Македонија, кои имаат желба да создаваат во областа на современиот танц, музиката и визуелните уметности со цел да оформат мултимедијален сценски перофрманс.
Проектот им е наменет на младите и креативни нереномирани уметници и тој е планирано да се одвива во два циклуси. Од 21 февруари до 21 март ќе започне првиот отворен повик за аплицирање на млади неафирмирани уметници од 18 до 30 години во три невербални категории – современ танц, музика и визуелна уметност (вајарство и сликарство).
Предвидените работилници ќе се одвиваат под менторство на реномирани уметнички имиња на националната, но и на меѓународната сцена. Рисима Рисимкин, уметничкиот директор на Културниот центар Интерарт, ќе ги води сесиите за танц, гитаристот, аранжер и декан на Џез одделот при Универзитетот „Гоце Делчев“ Тони Китановски оние за музика, уметницата Симонида Филиповска - Китановска за сликарство, а незиниот колега Жарко Башевски за вајарство.
Обелоденувајќи ја ваквата заложба Рисимкин истакнува дека Инкубатор програмата за култура овозможува една нова платформа за едукација и развој на млади уметници и дека целиот проект всушност е дизајниран за да се овозможи развој и да им се помогне на младите да го најдат својот изразен пат во уметничка насока.
„Живееме во комерцијално време, во кое уметноста не е во прв план, меѓутоа моја задача, а секако и на Интерарт културниот центар е потребата од посебно нагласување на важноста на уметничкиот развој и креација, кои секако ќе го најдат своето место во општеството, доколку им се даде соодветен простор. Многу ми е драго што Амбасадата на Швајцарија го препозна нашиот напор за поддршка и развој на млади уметници, посебно во овие уметнички категории, кои иако го заслужуваат - го немаат вистинското место во нашето општество и на кои, со нивната поддршка, ќе им се овозможи процес кој ќе донесе вистински резултати во уметничкиот развој на младите таленти“, вели Рисима.
Амбасадорката Сибил Сутер Тејада, пак, при промоцијата на „Инкубатор“ откако ќе забележи дека Швајцарија ги препознава културните права како дел од човековите права и како суштински за човековото достоинство, идентитет и индивидуална исполнетост, истакнува дека „во време кога уметниците, културните групи, културното наследство и културните изрази се сѐ повеќе на удар, одбраната на културните права на индивидуалците и на заедниците е императив“.
„Промовирајќи културен дијалог и слобода на изразот ние се стремиме да создадеме општествена клима погодна за размислување, самокритика и дискусија. Убедени сме дека независен, силен и разновиден културен сектор значајно придонесува кон одржлив развој, демократија, инклузивност и кон општеството воопшто. Свесни за многуте технички и финансиски пречки со кои се соочуваат локалните уметници, се надеваме дека ќе развиеме еден попрофесионален и холистички пристап кон уметноста и културата, во исто време охрабрувајќи го уметничкиот израз, креативноста и иновацијата, смета Сутер Тејада.
Згора на тоа таа и со дополна дека „промовирајќи професионализам, претприемништво и компетитивност на младите уметници во овие полиња се надеваме дека македонската современа културна сцена ќе се приближи кон уметничките стандарди на развиените земји“, а како што вели во Културниот центар Интерарт тие нашле партнер од доверба.
Конечно, според иницијаторите на „Инкубатор“ проектот е само вовед во формирањето на мултимедијален центар за култура за што им е потребна помош од државата.