Преговорите за спорот за името премиерот Зоран Заев очекува успешно да бидат завршени до јули кога треба да се одржи самитот на НАТО, а се очекува во посета на Скопје да дојде шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас. Се уште не е утврден точниот датум кога Коѕијас би пристигнал во Македонија со цел да ја предаде најавената стратегија на неговата земја за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за името, иако грчките медиуми најавуваа дека тоа ќе се случи во наредните денови.
„Се планира посета на Коѕијас, но нема утврден датум. Со оглед на агендите на двајцата министри, најверојатно посетата ќе биде или кон крајот на овој месец или на почетокот на наредниот“, велат од МНР.
Заев во интервју за австриската радиостаница ОРФ порача дека верува оти ќе се најде решение за името, по што Македонија ќе добие автоматска покана за НАТО.
„Имаме автоматска покана, што значи дека членките на НАТО ќе почнат со ратификација на нашето пристапување, откако ние и Грција ќе најавиме дека спорот е решен“, изјави Заев.
Во меѓувреме и бугарските власти порачаа дека од третирањето на заедничкото минато зависи европската перспектива на Македонија. Бугарскиот претседател Румен Радев за време на неговиот престој во земјава порача дека идното име на Македонија не треба да содржи географска одредница која опфаќа делови од територијата на Бугарија.
Андреја Стојковски од Центарот за европски стратегии Евротинк не верува дека Бугарија би направила дополнителен проблем во процесот на преговори меѓу Македонија и Грција.
„Мислам дека преговорите ќе продолжат да течат онака како што беа и досега. Од аспект на изјавата на бугарскиот претседател, јас би се обидел да ја третирам како дополнителен притисок врз Грција за надминување на спорот, имајќи во предвид дека минатата недела учествував на панел со бугарската министерка за надворешни работи, која рече дека Бугарија не е дел од спорот за името, ниту пак е учесник во преговорите. Оттаму не очекувам дека воопшто ќе се обидат да се замешаат во преговорите“, вели Стојковски.
Коѕијас изјави дека за решение за спорот за името треба да се најде географска или територијална придавка. Документот, како што најави ќе биде на околу 20 страници, а според Коѕијас се однесува на името и на неговата употреба, односно идентитет, националност и јазик, а потоа и другите прашања како што се трговските имиња, акронимите и кратенките.