Преговорите со Грција - главна тема во медиумите

Средба на медијаторот Метју Нимиц со премиерот Зоран Заев

Главна тема во речиси сите медиуми е преговарачкиот процес за името. Тие пишуваат за можното решение, идентитетот, уставот, црвените линии.

Меѓу гласовите на неразумот, и кај нас и во соседна Грција, пријатно е кога ќе се прочита нешто здраворазумно. „Грчки новинар: Доста со идиотизмот – Македонија е Македонија!“ – напишал Тимиос Цалас, а целиот текст го објави Слободен печат. „Кој е во право? Светот е во право. Грција не е“, пишува грчкиот новинар и продолжува: „Вие не можете да викате држава со името на главниот град и да сакате трета земја да ја нарекува онака како што сакаме... Господи, како е можно една од најсиромашните земји во Европа, со сериозни малцински проблеми, страна која сака да влезе во НАТО, да биде закана за една земја која е петпати поголема и помоќна од неа?“ – прашува грчкиот новинар – аналитичар во текстот објавен во ЕУ Обсервер.

„Шилегов и Каминис повикаа на зближување на Скопје и Атина“, ја објави Нова Македонија заедничката колумна на градоначалниците на двата главни града, Шилегов и Каминис пред нивната средба во грчкиот главен град.

Главна тема во речиси сите печатени и електронски медиуми е прес конференцијата на премиерот Заев на која доби голем број прашања во врска со процесот на преговарање со Грција за нивниот проблем со нашето уставно име. „Заев: Решението за името мора да го гарантира идентитетот, Уставот го сменивме во 1993 година“, акцентира Слободен печат. „Владата тврди дека решението со Грција не бара промена на Уставот“, заклучува Вечер од одговорите на владиниот портпарол додавајќи дека Бошњаковски го повторил ставот на премиерот дека Владата е подготвена за географска одредница во името. Нова Македонија со нагласка на изјавата на Заев: „Сакаме решение, но не по секоја цена – Верувајте дека апсолутно знаеме што е тоа што е возможно, што е тоа што е дозволиво и до каде треба да одиме“. „Грчкото МНР го поздрави преименувањето на аеродромот и автопатот“, објави Вечер, а Нова Македонија го пренесува дописот на МИА за изјавата на грчкиот алтернативен министер за надворешни, Јоргос Катругалос за грчкото државно радио: „Преименувањата се потег на негирање на иредентизмот“. Весникот ги пренесува и зборовите на Катругалос дека „сè уште сме далеку од тоа да кажеме дека ќе постои договор... но има прозорец на можности...“

Независен ја пренесува изјавата на директорот на Државниот архив на Македонија, Кирил Петров во дебатна емисија на ТВ Телма: „Најдобро е Архивот да се врати во старата реновирана зграда. Со секое врнење дожд новата зграда протекува, а целокупниот материјал не е заштитен... нема да дозволиме да се уништи нашето богатство од архивски материјали“. Независен објавува и дека „Градоначалникот Шилегов ќе потроши 14.000 евра да си го измери рејтингот по само 100 дена откако е на власт“. Во објавениот оглас на Град Скопје се бара субјект кој за една година ќе изврши осум истражувања на репрезентативен примерок од 1.000 граѓани преку кои ќе се обезбедат резултати за јавното мислење во однос на градските политики, дообјаснува Независен.