Македонската влада преку писмено сооштение денеска оцени дека јавноста била целосно информирана, а дека решение на спорот за разликите за името со Грција е можно и дека за таа цел во тек е преговарачки процес. Ваквата реакција во која не се кажува многу, ниту пак се откриваат детали следува по повикот од грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас упатен до Скопје да излезе и јавно да каже која ќе биде придавката во сложеното име и да им го објасни тоа на граѓаните.
„Потребна е добра волја и компромис од двете страни да се дојде до решение кое ќе ги почитува достоинството и идентитет на граѓаните на двете држави. За секој следен значителен исчекор во текот на преговорите јавноста ќе биде повторно целосно информирана“, се наведува во соопштението.
Од македонската влада велат и дека на билатералната средба меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас во Давос, за првпат по две децении се откочиле процесите кои водат кон „достоинствено решение на отворените прашања на Грција и Македонија како две соседни европски земји“.
„За демонстрираната добра волја од двете страни јавноста беше целосно информирана. Изнаоѓањето взаемно прифатливо решение е можно и за таа цел во тек е преговарачки процес“, пишува во соопштението.
Коѕијас во интервју за Еуроњуз на грчки јазик рече дека грчката влада презела одговорност да каже јавно дека сака промена на името и дека тоа име ќе било сложено за сите употреби со конкретна одредница.
„Излеговме јавно и кажавме дека во ова име ќе биде вклучен и терминот Македонија. Ние си ја завршивме нашата работа. Уште чекаме од Скопје, конечно да излезе, јавно да каже во ова сложено име која ќе биде придавката пред именката и да го опишат тоа пред нивниот народ. Не гледам дека и другата страна прави иста подготовка и ова, денес додека го правиме ова интервју ме загрижува“, вели шефот на грчката дипломатија.
Коѕијас вели и дека во однос на одредницата и сложеното име, грчката влада ги преферира придавките што имаат „словенска нијанса во нивната фонетика“.
На средбата на премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас во Давос, министерот вели дека било договорено грчката страна под негова одговорност да направи спогодба.
„Се чини дека некои во Скопје, на пониска функција од премиерот, одново размислија и овие размислувања господинот Нимиц сметаше дека се важни. И требаше да го потсетам дека она за што се согласија двајцата премиери важи за сите“, објаснува шефот на грчката дипломатија и додава дека за тоа кој е ставот на Атина за прашањето со идентитетот, тоа ќе го соопштат самите во преговорите, а не медијаторот.
И од ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение побараа одговори на прашањето што договорил Заев во Давос.
„Зошто грчките власти инсистираат да не се излегува од рамката на тој договор? Што се крие од македонската јавност? Во земјава владее целосен молк по овие прашања кои се погласно се поставуваат. Власта избегнува одговори и секојдневно се прави дефокус со разни теми“, наведуваат од опозициската партија.
Покрај за ова, на прашањето дали и за јазикот и националноста се преговара, Коѕијас кратко одговара дека за сѐ се преговара. Во уставните промени би требало да биде вклучено и името, смета тој, додавајќи дека во однос на тоа дали промените би поминале во македонското собрание, Заев имал доволно мнозинство за да ратификува меѓународен договор, а „уставните промени ќе се направат кога ќе дојде време.“