Предлози за името, иредентизмот, меѓународни и регионални односи на Македонија и мерки за позитивна агенда се четирите точки на нацрт спогодбата што Грција кон средината на февруари ќе и ја достави на Македонија. Ова го откри шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, зборувајќи на грчката државната телевизија ЕРТ, јавува дописникот на МИА од Атина.
Коѕиас, откри дека спогодбата е се уште во фаза на формулација, прво ќе биде презентирана на грчката, а потоа на македонската влада. Ако биде прифатена вели тој, таа ќе претставува основа за решавање на проблемот, ќе треба да добие зелено светло од парламентите на двете земји и ќе го отвори патот на Македонија до НАТО и ЕУ.
Оваа најава од Коѕиас доаѓа во време на оптимизам кај меѓународната заедница, воздржаност во Македонија и несогласувања меѓу грчките партии за можноста прашањето за името да се реши скоро.
Чуден е начинот и временски период во кој официјална Атина одлучи да достави ваков документ, коментира Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје. Посредникот ги подготвува предлозите и сега е нејасно зошто Грција прави предлог и би го доставила до македонската влада, додава тој.
„Во принцип треба да се дискутира и да се дојде до некои позиции кои би биле меѓу почетните позиции на Македонија и на Грција, а на овој начин излегува како Грците да направиле предлог кој што ние треба да го прифатиме“, вели Божиновски.
И додека во Македонија политичарите се воздржани за прашањата поврзани со името, Коѕиас на некој начин ги откри грчките црвени линии. Во интервјуто за државната телевизија тој рече дека проблемот вклучува седум прашања: името, употребата на името, идентитетот, јазикот, трговската употреба, акронимите и знаците. Како што пренесува МИА, Коѕиас рекол и дека за кој било договор за решение меѓу двете земји потребно е Македонија да направи уставни промени, посочувајќи ја преамбулата и два члена, без да открие дополнителни детали.
Грција, според министерот, бара и целосна употреба на решението, што, како што вели, бара и промена на македонските пасоши и лични карти. Според негово мислење, името треба да биде сложено со терминот Македонија, „да не биде на англиски, да биде на јазикот или јазиците на таа земја, без превод“.
Според Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки, сепак ова се позиции на Грција наменети пред сè за грчката јавност и од нив ќе има отстапки. Таму премиерот Алексис Ципрас наиде на несогласувања на јавна сцена, особено од лидерот на Нова Демократија Кирјакос Мицотакис, но и својот коалиционен партнер Панос Каменос од Независни Грци кој бара референдум за решението.
Македонскиот премиер Зоран Заев, пак, изјави дека какво и да е решението на крај ќе виде потврдено на референдум без да открива никакви дополнителни детали.
„Тоа е нешто за што ќе одлучат политичките елити, но сметам дека референдум за прашање кое не засега сите нас е добро да има и на тој начин Македонија ќе покаже и демократски капацитет“, вели Гаџовски.
И додека Нимиц е во регионов, Обединетите нации соопштија дека може да биде постигнат напредок во решавањето на 26 годишниот спор меѓу Атина и Скопје околу употребата на името Македонија.
Заменик портпаролот на Обединетите нации, Фархан Хак, изјави дека „е создаден позитивен момент“ во разговорите што се водат со посредство на ОН и оти е можно да биде пронајдено решение со, како што изјави, „вистински дух на компромис од раководствата и од народите на двете земји“.
Коѕиас, пак, во своето интервју не зборуваше за временски рокови, но ги отфрли опциите за меѓународни притисоците, истакнувајќи дека тој има испратено порака до сите и до ЕУ, НАТО, и до САД и Русија да не се мешаат, бидејќи „тој што се меша прави лошо и не сака да се најде решение“.