Капитал - Последна шанса за нов почеток
Капитал во празничниот двоброј се осврнува на деловната 2018 година кај нас, насловувајќи ја како „Последна шанса за нов почеток“. Според неделникот, оваа година ќе биде тест за политиките на новата влада. Од Владата, пишува, сега сите очекуваат политики и мерки кои ќе бидат дел од еден нов развоен економски модел кој ќе овозможи ослободување на потенцијалот на домашната индустрија, посебно на индустриите што може да имаат поголем нето извозен ефект врз економијата, што на крајот ќе резултира со поголем економски раст. Проценките за брзиот напредок на Македонија во евро-интеграциите и членството во НАТО веќе подолго време се подгреваат, па бизнисот и граѓаните очекуваат конкретни резултати на овој план. Во новава година сите влегоа со очекувања за поголема стабилност, пред сè, политичка и законодавна, што е главен предуслов бизнисот да може да ги почувствува ефектите од најавените политики, смета Капитал, па продолжува дека индустриите кои имаат потенцијал и луѓето со идеи за добар бизнис мора да бидат најголемиот адут на Македонија во остварување на целта за повисок економски раст. Ако како држава не успееме да ги искористиме овие адути во овој критичен момент за пресврт, Македонија ќе продолжи да паѓа во маѓепсаната спирала, во која влеговме токму поради популистичките политики на претходната власт и одбивањето да се соочи со потребните реформи, поентира Капитал.
Фокус: 2018 - година на темелно чистење
Специјалната обвинителка Катица Јанева и новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се главните ликови на насловната на празничниот двоброј на неделникот Фокус, со лопата и мрежа за ловење пеперутки во рацете, и со наслов: „2018 - година на темелно чистење“. А цитат од интервјуто со вицепремиерката и министерка за одбрана, Шеќеринска, исто така зазема главно место на насловната, имено, дека „Брисел нè пофали за обвинителот, а нè искара за изборот на судиите“. Шеќеринска најавува и дека од овој месец ќе профункционира Советот за следење на реформите во судството со премиерот како негов претседател, „за да покажеме колку ни се важни судските реформи“. За прогнозите за 2018 година, неделникот наведува дека Шеќеринска внимателно вели дека целта ѝ е Македонија да биде 30-та членка на НАТО и како министер за одбрана ќе сторела сè „тоа да биде порано, а не подоцна“. Инаку, во интервјуто со Шеќеринска, која е и заменик-претседател на СДСМ, Фокус ги третира и прашањата зараскинувањето на коалицијата со Алијансата на Албанците, последиците од крвавиот четврток, за очекувањата од новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, за кујните што работат на раздор во СДСМ...