Со заштита на животната средина до економски развој

Проектите за заштита на животната средина може да помогнат во развојот на земјоделството, сточарството и туризмот во дебарскиот регион, велат невладините организации.

Невладиниот сектор во Дебар бара од новата локална власт да даде предност во реализацијата на проектите за заштита на животната средина. Граѓанските здруженија кои се активни во оваа општина сметаат дека заштитата на животната средина е примарна основа за развој на општината во сите сфери од животот. Оваа оценка е изнесена од страна на граѓанските здруженија кои се мошне активни во сферата на екологијата во општината.

„Локалната самоуправа која сега е нова треба да даде предност во реализацијата на проектите кои се однесуваат за заштита на животната средина. Оваа го сметаме бидејќи Дебар може да се развива забрзано преку развој на земјоделието и сточарството кои бараат чиста животна средина. Досега не е посветено многу внимание на тој план, ниту од Министерствата надлежни во оваа сфера. Нормално, кога говориме за развој на Дебар и регионот, битен е и развојот на туризмот, кој директно е поврзан со здравата храна и животната средина“, истакнува Шуип Марку од Центарот за одржлив развој на заедницата во Дебар.

Марку, кој е познат и како виден екологист во регионот и пошироко, вели дека невладините организации кои функционираат во општината и поширокиот регион бараат и поголема соработка со локалната самоуправа во однос на подготовката и реализацијата на проектите во оваа сфера, бидејќи имаат и соодветен кадар.

„Во сите стратегии направени за Дебар и дебарско како главен фактор кој се спомнува за економскиот развој е заштитата на животната средина. Затоа сметаме дека, како локалната, така и централната власт да вложуваат повеќе во заштитата на животната средина. Има многу можности што ги даваат за проекти ЕУ и тоа преку ИПА, ИПАРД, Програми за меѓугранична соработка и другите програми, потоа УНДП и други. Има доволно кадар кој би можел да ги реализира овие проекти“, нагласува Марку.

Во локалната власт, во согласност со Програмата за работа во 2018 година исто така планираат проекти во сферата на заштитата на животната средина. Се најавуваат проекти во сферата на заштита на Дебарското Поле од загадување, но и заштита на водите во Дебар и регионот, особено на Дебарското Езеро и реките Радика и Црн Дрим.