Ако декември беше прилично зафатен месец за СЈО кое имаше девет рочишта за седум случаи, јануари исто така ќе биде месец со набиена агенда, но по празниците. Закажани се рочишта за повеќе случаи на СЈО кои се однесуваат на „Тврдина и Таргет“, „Транспортер“, како и „Топлик“ и „Траекторија.
Првиот случај на суд СЈО ќе го има на 17 јануари за предметот „Тврдина и Таргет“ во кој обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК, Сашо Мијалков и шефот на кабинетот на Мијалков,Тони Јакимовски.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од 23 јануари, па до крајот на месецот на неколку рочишта, обвинителството ќе се занимава со случајот „Транспортер“ каде обвинет е поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески за нелегален транспорт на ученици.
Судењето за предметот „Топлик“, во кој осомничени се поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште пет лица за продажбата на градежна парцела во скопско Сопиште, е закажано за 30 јануари.
Траекторија се однесува на изградбата на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид и во случајот обвинет е поранешниот премиер Никола Груевски и екс министрите Владимир Пешевски и Миле Јанакиески, а рочиштето ќе се одржи на 31 јануари.
Набиената агенда на СЈО е нормална појава поради задоцнувањето и заробување на правната држава во минатото, вели поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.
„Со оглед на тоа што работата на СЈО беше закочена долго време и со оглед на тоа што институцијата се опструираше во секој поглед задачата што ја имаше не можеше успешно да ја изврши и како последица на тоа доцнеа и другите дејствија“, посочува Ивановски.
Според него, со оглед на пропуштените рокови за време на претходната власт, СЈО сега постојано е на суд и нивниот ангажман за разрешување на кривичните дела и со оглед на обемот на дејствијата кои треба да се превземат веројатно ќе потрае цела наредна година.
„Јас очекувам дека со оглед на тоа што во добар дел се почнати и рочиштата траат, очекувам дека ќе почнат и пресуди да следат, иако најлесниот дел е таму каде што ќе се признае вина или каде што ќе се согледа вина. Имајте предвид дека постапката после предвидува жалба, па второстепен суд, ревизии, така што долг е процесот на докажување на правдата“, додава Ивановски.
Само еден предмет на СЈО доби разрешница, а тоа е пресудата за случајот „Тврдина 2“. Казна затвор од година и половина доби првообвинетиот во предметот, поранешниот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски за уништување на службена документација поврзана со незаконското прислушување. За другите обвинети, службенички во УБК, Кривичниот суд изрече условни казни. Двајца обвинети пак за „Насилството во Центар“ кои признаа вина во издвоена постапка добија условни казни.
СЈО досега покрена обвиненија за 20 случаи. Последните обвиненија кои беа прифатени од Кривичниот суд се однесуваат на предметите „Тарифа“, „Траекторија“ и „Тендери“. Во меѓувреме СЈО отвори и седум нови истраги против 17 лица.