Во отсуство на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, пратениците на пленарна седница во Собранието со 62 гласа „за“ и ниту еден против и воздржан го изгласаа Буџетот за 2018 година.
Со буџетот планирани се вкупни приходи во износ од 193,5 милијарди денари, а расходи од 211,7 милијарди денари
Приоритети на буџетот се повисока стапки на раст на економијата, зголемување на продуктивното вработување, подигнување на животниот стандард на населението, владеење на правото, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграционите процеси за ЕУ и НАТО, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски во образложението пред пратениците.
„Буџетот на Република Македонија за 2018 ги отсликува проектите на Владата во насока на постигнување стабилен економски раст, подобар животен стандард на граѓаните и повисоко ниво на социјална правда. Истовремено, тоа е одраз на владата за ефикасно и домаќинско управување со парите. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит од 18,2 милијарди денари. Ова е намалување на дефицитот од 2,9 проценти во 2017, што ја одразува определбата за постепена фискална консолидација преку строга контрола и фискална дисциплина, со намалување на непродуктивните расходи и истовремено зголемување на капитални инвестиции за поддршка на домашната економија и социјална правда. Намалувањето на дефицитот е потврда за домаќинско работење, а не на расипништво, како во претходната влада“, изјави Тевдовски.
Жалам што опозицијата не учествува во дебатата за буџетот да дава критики и коментари за најважниот финансиски документ за државата, кој треба да обезбеди финансиска стабилизација на државата, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.
„Жалосно и празно е да дебатираме доколку опозицијата не е во собраниската сала, за она што значи живот и опстојување на сите граѓани. Станува збор за најважниот економски документ. Се надевам дека опозицијата ќе смогне сили да дојде да дебатира, бидејќи првиот ден започна дебатата и по прв пат парламентарното мнозинство, односно Владата прифати шест амандмани од опозицијата. Ова е дополнет предлог-буџет, затоа што ги содржи прифатените амандмани“, рече Тунтев.
Тој посочи дека карактеристика на овој буџет е што е ослободен од непродуктивни ставки, а според него, за прв пат не бил напумпан и со лажни бројки.
Буџетот за идната година е планиран врз основа на проекцијата дека економскиот раст идната година ќе биде 3,2 проценти, јавната потрошувачка 1,3 проценти, невработеноста 21,5 проценти, а инфлацијата 1,7 проценти.
Во дополнетиот предлог-буџет што го испрати Владата, прифатени се амандмани од комисиската расправа во Собранието и со нив се направени зголемувања на финансиските средства за гасификација во висина од 120 милиони денари, кај блок-дотациите за градинки, основни и средни училишта и културни установи за 200 милиони денари, кај Фондот за здравство за 100 милиони денари и кај Инспекторатот за животна средина за 10 милиони денари.
Министер за економија, Драган Тевдовски, на собраниската говорница најави дека Македонија ќе мора да се задолжи во странство поради враќање стари долгови. Според него, државата во 2018 година ќе мора да се задолжи 40,9 милијарди денари, со издавање еврообврзница, но и со задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност.
„Граѓаните треба да знаат дека државата треба да биде подготвена и за враќање на големи и скапи кредити веќе идните години. Во 2020 и 2021 година Македонија ќе треба да врати 925 милиони евра стари долгови“, рече Тевдовски.
Мирсада Емини - Асани од ДУИ изјави дека буџетот за 2018 години ги отсликува економските и социјалните политики на владата а целта е да се обезбеди подобар живот за граѓаните. Приоритет за 2018 година е силна буџетска консолидација, рече Асани
„Ќе спомнам неколку капитални инвестиции. За Тетовскиот универзитет предвидени се 330 милиони и 346 илјади денари, за Албанскиот театар во Скопје 250 милиони денари, за плоштадот Скендербег 125 милиони денари, за реконструкција и изградба на објекти во јавното здравство 120 милиони денари, средни училишта 40 милиони денари, социјални станови 20 милини денари“, изјави Асани
Инаку, во аргументите против предложениот буџет, ВМРО-ДПМНЕ, која има поднесено 204 амандмани, тврдеше дека приоритет на новиот буџет е богатењето и луксузирањето на владините функционери, а не доброто на граѓаните.
Главните критики на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, беа и дека буџетот предвиден за следната година не покрива во голема мерка повеќе претходно започнати проекти кои требаше допрва да се зголемат.
Од ВМРО-ДПМНЕ, исто така посочија дека новиот буџет не соодветствува на реалноста, а дека приходната страна е вештачки креирана. Според најголемата опозициска партија, ако прогресивното оданочување е планирано во 2019 година, тогаш прашање е како ќе се зголемат приходите кога, како што посочија, во изминатите неколку месеци ние имаме забавен раст на прибирање на приходите.
Партијата БЕСА има поднесено 75 амандмани од кои најголем дел се однесуваат на повеќе пари и средства од буџетот за проекти во местата низ Македонија каде претежно живеат Албанци за да има рамномерна и правична застапеност на сите даночни обврзници од кои се полни државната каса.
Буџетот предвидува вкупните приходи за наредната година да се поголеми за 4,7 проценти во однос на оваа година, а расходите за 4,1 проценти. Со предложениот документ, пари се предвидени за капитални инвестиции, за навремена и непречена исплата на плати, пензии, социјални трансфери, поддршка на домашни компании,
Од даноци се планира да се соберат 114,979 милиони денари што е за 7,5 проценти повеќе од годинава. Од придонеси се очекуваат 55,403 милиони денари, односно за пет проценти повеќе од годинава. Ваквото зголемување е од очекуваното раздвижување на економијата , зголемување на вработеноста и на платите на вработените.