„Мама миа!“ во МНТ - Бродвеј во Скопје

Стотина актери, танчери, пејачи, музичари...ја чинат екипата на хит-мјузиклот „Мама миа!“, работен по музиката на Бени Андерсон и Бјорн Улвеус од легендарната шведска поп група АББА, чија премиерна изведба е закажана за 24 декември, во 20 часот. Проектот чиј режисер е Наташа Поплавска е копродукција помеѓу МНТ и „Проспот“ од Словенија.

По мега-успешниот „Чикаго“ на Македонскиот народен театар, за релативно кратко време – нешто малку повеќе од година дена, ќе му се случи уште еден голем мјузикл. Уште еден бродвејски хит. Станува збор за „Мама миа!“, сценското дело работено по музиката на Бени Андерсон и Бјорн Улвеус од легендарната шведска поп група АББА,по текст на Кетрин Џонсон и приказна на Џуди Крејмер, чија премиерна изведба е закажана за в недела, на 24 декември, во 20 часот. Разбирливо и него како режисерка го потпишува Наташа Поплавска, која несомнено се чувствува како „риба во вода“ кога станува збор за поставување на вакви комплексни музичко-сценски дела.

„Со „Чикаго“ ја отворивме историјата на мјузиклите во Македонскиот народен театар, куќата во која јас израснав и созреав, и сега еве продолжуваме со „Мама миа“. Ова за мене е подарок од Бродвеј. Не можам да опишам колку бев среќна кога продуцентот од Словенија ми се јави половина час пред премиерата на „Фигурае венерис“ од Горан Стефановски во прилепскиот театар и ми понуди да го работам „Мама миа“. Тоа беше како подарок за мене. Едноставно ми стана јасно дека со „Чикаго“ сме направиле убав проект, проект кој ги надминал границите на нашата земја, дело за кое се говори во регионот и мјузикл кој може да се носи рамо до рамо со бродвејскиот „Чикаго“, па следствено на тоа еве си дојде и „Мама миа“, ќе рече во пресрет на премиерата режисерката Поплавска.

Инаку, претставата, која интензивно се подготвуваше изминатите два месеца, е копродукција помеѓу МНТ и словенечката компанија „Проспот“ која ги има ексклузивните права за мјузиклот „Мама миа!“ во земјите од регионот.

Во основа приказната се врти околу една тинејџерка која трага по својот вистински татко на еден грчки остров, а актерите во мјузиклот ги пеат на македонски песните на шведската група од 1970 и 1980-тите, освен евровизиската победничка „Ватерло“ која е во оригинал и е оставена за крај на претставата.

Во пресрет на процесот на подготовка на мјузиклот, за кој препевот и преводот е дело на Тина Трпкоска, биле организирани три аудиции на кои, покрај оние од МНТ, се пријавиле 178 актери и танчери. Конечно Поплавска и нејзиниот стандарден тим од соработници (во кој, патем, се кореографката Олга Панго, диригентката Бисера Чадловска и дизајн супервизорот Емил Петро) се одлучил да ја формира екипата не само од некои проверени имиња и „стари соработници“, туку да работи и на „создавање на нови ѕвезди“, но притоа нималку не заборавајќи дека за еден ваков гломазен зафат неопходно ќе биде да бидат ангажирани и нивни алтернации.

Така одлучиле главните улоги да им ги доверат на Нина Деан и Јана Стојановска како Софи Шеридан, Биљана Драгиќевиќ – Пројковска која е задолжена да го пее и толкува ликот на нејзината мајка Дона Шеридан, Кире Ѓоревски и Висар Вишка како Сем Кармајкл, тука се и Трајче Ѓоргиев, Владимир Јачев, Никола Наковски, Петар Стојанов, Арна Шијак, Тања Кочовска, Александра Павлова, Билјана Јовановска, Стефан Спасов, Александар Михајловски и Борјан Тетиев.

Голем удел во проектот, особено во пејачкиот дел имаат и проверените Сара Николовска и Ана Костадиновска, сценографијата е на Александар Дениќ, костимите – Роза Трајческа-Ристовска, а извршен продуцент е Симона Угриновска.

„Следи една многу емотивна, многу весела и многу дискаџиска претстава на којашто верувам дека сите ќе уживаме“, истакнува Поплавска.

​По премиерата в недела, до крајот на годината се предвидени уште три изведби на „Мама миа“, на 26, 28 и 29 декември, но и за нив картите безмалку да се продадени.

Ваквиот интерес и не случајно ќе го натера Драган Спасов Дац, в.д директорот на МНТ, да размислува и за идните исчекори во овој правец. Тој во последниве два месеца понесен од атмосферата обоена од звуците на АББА не крие дека би било убаво во 2019 година на сцена конечно да го исправат првиот целосно македонски мјузикл кој би бил дело на наш автор и би раскажал една современа автентична домашна приказна.

А, кога сме веќе кај проектите со кои оваа наша национална установа планира наново да го предизвика вниманието на публиката да кажеме дека во фаза на реализација се „Змеј“ што како режисерка го потпишува Нела Витошевиќ, „Прашина/Духот кој оди“ - драмата работена по текст на Дејан Дуковски во режија на Срѓан Јаниќијевиќ, „Галеб“ на Нина Николиќ, а кон крајот на годината во театарот се очекува да работи и Иван Поповски, кој најверојатно ќе се зафати со поставката на класикот „Убавицата и ѕверот“.
И, тука не е крајот бидејќи во март во МНТ доаѓа и големиот италијански режисер и пожелуван гостин на било која македонска театарска сцена Паоло Маџели.