Македонија и Албанија без отворени прашања за напредок на регионот

Средба на премиерот Зоран Заев со претседателот на Албанија Илир Мета во Скопје

Владите на Македонија и на Албанија денеска во Поградец ја одржуваат првата заедничка седница. Според експертите, нема отворени прашања меѓу двете земји, а на седницата ќе се продлабочат не само на политичките, туку и на економските односи.

Нема отворени прашања меѓу Македонија и Албанија, велат експертите, а заедничката седница на двете влади во Поградец ќе се искористи за продлабочување на односите на двете земји. Премиерот Зоран Заев по средбата со неговиот албански колега во октомври годинава констатираа дека Македонија и Албанија имаат одлични политички односи, без отворени прашања и дека е тоа добра основа за интензивирање на соработката во насока на примена на европските стандарди, економска соработка, како и обезбедување услови за евроатлантски интеграции на целиот регион.

Политичкиот аналитичар Џелал Незири вели дека продлабочувањето на односите на Македонија со која било соседна земја придонесува кон стабилноста на регионот. Но, според него, корист има и самата држава која од земја што предизвикуваше тензии сега игра важна улога во приближување на регионот и поттикнувањето на соработката.

„Самата ЕУ кон која се стремат сите овие земји е основана токму на оваа соработка меѓу државите и народите. Соработка која се потпира врз взаемна доверба и познавање кадешто овие активности на владата и на премиерот мислам дека позитивно ќе бидат оценети не само во Западен Балкан како проблематичен регион, туку и од страна на ЕУ“, вели Незири.

Дека односите меѓу двете земји не се само од егзистенцијално значење, туку се и решавачки за нивната европска иднина, посочи и албанскиот претседател Илир Мета, кој во минатиот месец беше во посета на Македонија. Тој порача дека Македонија и Албанија можат да бидат пример за соработка во целиот регион.

„Сите со нетрпение очекуваме Македонија да си го заземе заслуженото место во НАТО и да покаже видлив напредок на патот кон европската интеграција. Во таа насока го поттикнуваме и охрабруваме продолжувањето на дијалогот за надминување на прашањата коишто претставувале пречка на тој пат, затоа што Македонија членка на НАТО претставува не само успех за самата земја, туку за целиот регион и претставува фактор за безбедност во време на турбуленции“, изјави Мета.

Според Незири, Македонија влегува во една нова фаза на односи со Албанија и со соседните земји која ќе и донесе не само политичка, туку и економска корист.

„Така што продлабочувањето на односите и воспоставувањето на доверба ќе се рефлектира и во самата економија на земјата“, посочува Незири.

Албанскиот премиер Рама беше во фокусот на домашната јавност на почетокот на 2017 година со таканаречената тиранска платформа, која ја потпишаа лидерите на политичките партии од албанскиот блок во Македонија. Рама тогаш беше обвинуван дека се меша во внатрешните работи на Македонија, но тој посочи дека немало никаква платформа од Тирана, туку платформа на албанските партии на кои тие им помогнале.