Итните реформи на бавен колосек

Средба на еврокомесарот Јоханес Хан со вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи во Секретаријатот за европски прашања во Скопје за планот 3-6-9.

Стратегијата за реформи во јавна администрација, стратегијата за правосудство и реформи во следењето на комуникациите се клучните области во кои се очекува Македонија да постигне напредок до европскиот извештај. Аналитичари сметаат дека досега е постигнат делумен напредок, но додаваат дека досегашните проблеми биле огромни и поради тоа не треба да се брза за да може да се постигнат вистински и квалитетни реформи.

Денеска завршува можноста за јавен увид и дебата за предложените законски решенија за реформи во безбедносните и разузнавачките служби, по што треба да се достават на владина седница за усвојување. Во јавноста дел од аналитичарите изразија стравувања за можна злоупотреба од аспект на замена на еден центар на моќ со друг. Односно дека монополот кој го имаше УБК досега ќе биде префрлен во новото тело именувано како Оперативно-техничка агенција.

Во меѓувреме, за една недела во јавноста тројца правни експерти изразија незадоволство од работа на Советот за реформи во правосудството. Оставка си поднесе еден од членовите на Советот, универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, а по него директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска изјави дека Советот работи нетранспарентно, посочувајќи дека Академијата не била вклучена во Нацрт- стретегијата. Вчера професорката Мирјана Најчевска на телевизиска дебата истакна дека повеќето членови ќе си поднесат оставки доколку Владата не го уважи сугестиите од ова тело. Таа вели дека е незадоволна од ова тело, затоа што идеите за решенијата доаѓаат од Владата наместо од експертите.

„Несогласување како што постои во Советот за реформа за правосудството, а и во останатите области мора да има, бидејќи немаме модел кој што е издаден од Европската унија, а и моделот кој што досега го имавме на хартија беше оценет како успешен. Она што останува да се следи сега е моделот за следење на комуникациите, избрано е да се оди со еден технички центар, меѓутоа ризикот на злоупотреба на било кое од ова решенија секогаш ќе постои доколку таму се насочени клучните чинители“, вели Симонида Кацарска од Институтот за европски политики.

Стратегијата за реформа на јавната администрација засега е настрана, затоа што тоа е документ кој се очекува, објаснува Кацарска. Таа додава дека сè што е наведено во итните реформски приоритет нема да може да се реши за краток период, но затоа ЕК ги издвои трите области како најкритични во кои треба да се делува.

„Мора да бидеме свесни дека ниту едно од овие прашања не може да се реши за три месеци, ниту за шест, а веројатно ниту за девет. За ниедно од овие прашања нема модел од ЕУ и мораме сами да направиме проценки согласно најдобрите европски пракси, поради што доаѓаме до овие закочувања, односно пречки на патот. Она што е според мене важно, е сепак да имаме темелна проценка на тоа каде ни беа клучните проблеми во минатото и да се обидеме да ги адресираме дури и да биде по цена на еден месец подоцна, наместо да се брза со решенија“, вели таа.

Во однос на медиумите се уште трае дебата, но тие не беа поставени како клучни области како најкритични од страна на Европската Комисија. Претседателот на Здружението на новинари Насер Селмани при последната средба со евроамбасадорот Самуел Жбогар истакна дека епотребно забрзување на реформскиот процес во медиумите затоа што како што вели, ако нема слободни и професионални медиуми нема кој да го следи процесот на спроведување на реформите во полицијата и судството.