Достапни линкови

Без отпуштање работници, нема реформи во јавната администрација


Прес конференција на министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски
Прес конференција на министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски

Експертите се сомневаат во мерката на министерот Дамјан Манчевски да се спроведе реформа на јавната администрација без отпуштања од работа. Без намалување на вработени нема да се исполнат препораките за справување со обемната и партизирана администрација.

Министерот Манчевски во својата изјава наведе дека нема да има отпуштања од работа, а претходните оценки беа дека администрацијата во последните 10 години стана сервис за вработување партиски кадри поради што се претвори во неефикасна и нестручна, така што сега се поставува прашањето зошто се прави воопшто реформа, вели професор Борче Давитковски од Правниот факултет во Скопје.

Тој оценува дека плановите за реформи без намалување на бројот на вработени укажуваат дека не постои политичка желба да се имплементираат вистински реформи и препораките од Брисел од каде со години наназад во секој извештај пристигнуваат критики за партизирана, неефикасна и обемна администрација.

„Мислам дека не може да се прави реформа без да се намалува бројот. Не верувам дека на овој начин ќе се направи реформа зашто нема политичка волја затоа во Македонија изминатите 20 години немало реформа зашто немало политичка волја. Отпуштањата се најмал проблем. Вистински луѓе на вистински места, а тоа значи и флуктуација, еден да оди на едно место друг на друго итн., Тоа подразбира некаде и отпуштања, а некаде примања, но примања на вистински луѓе. Ако вие статус квото го задржите. Ние го знаеме статус квото дека е партизирана“, изјави професор Давитковски.

Владата планира во наредниот период да направи анализа на состојбите во јавната администрација со цел да се види каде има превработеност, каде недостасува кадар и да се направи реорганизација. Од Министерството за информатичко општество најавија дека дел од вработените ќе добијат можност да преминат од јавниот во приватниот сектор. Од Синдикатот на органите на управата вели дека тоа мора се направи во согласност од институциите каде се прави преместувањето, од работникот и од институцијата која ќе го презема.

За спроведување на реформата во јавната администрација што ја вети министерот Дамјан Манчевски, за Синдикатите покрај неотпуштањата од работа исклучително важно е да учествуваат во чекорите што ќе се превземаат, изјави Трпе Дејановски од Синдикатот на работниците од управата правосудни органи и здруженија на граѓани.

Сега клучно е да се скенира состојбата, вели Дејановски.

„Министерството треба детално да направи анализа на оние институциите каде велат дека има превработеност. Доколку се утврди таква состојба ќе бараме учество на Синдикат во случаите каде ќе има преместување. За нас е важно ниедно од лицата кои ќе бидат преместувани да не биде уназаден во кариерата и да остане на категорија на која бил претходно и најбитно за нас е да не бидат отпуштани од работа“, изјави Трпе Дејановски од Синдикатот на работниците од управата на правосудни органи и здруженија на граѓани.

Реформите во администрацијата е една од трите области кои еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ги спомена како итни за Македонија да добие позитивна препорака за членство во ЕУ. Во тек е изработката на новата Стратегија за реформа на јавната администрација за следниот петгодишен период која се очекува да биде готова до крајот на годинава.

Деновиве најавена е и британска поддршка за реформи во јавната администрација и воведување нови политики и напредни техники за учење и развој на вработените во јавниот сектор со цел поттикнување на мобилноста во јавната службa и подобрување на организацијата на работата,

Експертите велат дека на Македонија и треба ефикасна администрација, а не таква која повторно ќе чека некој нов план или стратегија. На речиси секој чекор граѓаните гледаат дека администрацијата не им е вистински сервис. Таквата слика на теренот и во институциите со низа други проблеми дополнително го успорува напредокот кон ЕУ за која сите зборуваат и очекуваат и ние да бидеме дел од неа Јасно е дека состојбата е комплексна, вели Давитковски,

„Се утепавме од носење стратегии. Од 1999 година почнавме и на секои пет години носиме стратегии и само бројот се зголемува на вработени, а квалитетот на услугите е сè понизок и понизок. Се повеќе има граѓани незадоволни од услугите на јавниот сектор не само класичната администрација, туку и во здравство и образование, наука култура, итн“,вели професор Давитковски.

Тој укажува дека законот за органи на управа овозможува преклопување на надлежностите и дуплирање на функции во министерствата. Со него на пример се предвидени 13 инспекторати, а во земјава има 30 инспекторати, вели Давитковски.

„А инспекторатот за животна средина вели дека имаат два инспектора за Скопје. Тоа е дуплирање на надлежност и избегнување одговорност. Реформа е да се расчистат надлежностите и да се стават вистински луѓе на вистински места“, заклучува Давитковски.

Инаку статистиките зборуваат дека во Македонија има 130 илјади вработени во јавната администрација.

Деновиве вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи изрази очекување за целосен фокус на администрацијата во имплементацијата на реформите од Планот 3-6-9.

Упатените нагласуваат дека професионална администрација е клучна за спроведување на реформите во земјава.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG