Почнуваат мразовите, потребна поголема внимателност од возачите

Архивска фотографија: Снег во Тетово

Во пресрет на зимата, потребна е поголема внимателност на патиштата. Дури и професионалните тркачи со автомобили предупредуваат дека на подмрзнат пат многу лесно се губи контрола врз возилата.

Зимските услови на патиштата и неправилното управување возило претставуваат потенцијлани причини за сообраќајни незгоди за сите возачи, па и за оние кои професионално се занимаваат со авто-мото трки. Тетовецот Горан Хаџи Иљоски – Чајка, кој околу три децении професионално се трка со автомобили и мотоцикли, исто така поради невнимателност и поради лошите услови на патот во зима се соочил со ваков инцидент.

„Една случка, може има 15-тина години, кога се враќав во ноќните часови од Гостивар кон Тетово. Гледам сите возачи возат некоја брзина 70-80 километри на час и се создаде поголема колона. Јас не размислив зошто е колоната и ги престигнав. Си возев негде 120-130 на час. Кога стигнав да се качам на надвозникот, само што влегов од кривината, едноставно возилото ми летна од клучката право доле во нивата. Кога излегов, сфатив дека јас сум возел по голомразица со поголема брзина“, раскажува тој.

Моторџијата Чајка, како што најчесто го препознаваат во Тетово, во пресрет на зимата и снегот предупредува за поголема внимателност поради фактот дека голем дел од патиштата во поширокиот тетовски регион, но и воопшто во Македонија се на ридско-планински предели.

„Се искачувате нагоре, а зимски период. По можност со еден степен на брзина да биде поголем. Затоа што вие на возилото му давате помалку вртежи на тркалата со тоа што не дозволувате да дојде до поголемо лизгање.Или обратно кога слегувате надолу на пример ние имаме Шапка-Маврово. Значи кога слегувате, по можност возилото да биде во втор степен на пренос со многу мало и нежно додавање на гас“, објаснува рели тркачот.

Во сообраќајната полицијата велат дека брзото возење и не држењето растојание е најчеста причина за сообраќајни инциденти.

„Во овој период препорачуваме возачите да ја прилагодат брзината за движење кон условите на патот, најчесто поради појава на голомразица, снежна покривка, намалена видливост итн.Во случај на неприлагодена брзина на места, иако знакот дозволува движење со определена брзина, многу е битно да се држи растојание. Затоа што најчесто возачите не можат да ја проценат состојбата, далечината, растојанието и тогаш доаѓа до сообраќајни незгоди“, вели Зоранчо Талев, командир на тетовската полициска станица за безбедност во патниот сообраќај.

Зимската опрема за возилата е исто така добра во насока на превенција од сообраќајните проблеми.

„При редовните контроли вршиме контрола на пропишаната зимска опрема, дали возачите ја поседуваат пропишината зимска опрема. Членот 361 од законот за безбедност сообраќајот на патиштата предвидува строги санцкии. Битно е да се напомена дека зимските пневматици се исклучителни важни за стабилноста на возила. Ја проверуваме длабочината на шарата на истите и останатата пропишана зимска опрема“, потенцира шефот на сообраќајните полицајци.

Од 15 ноември 2016 до 15 март 2017, период кој се смета за зимска сезона, на подрачјето на СВР Тетово се случиле 211 сообраќајни незгоди во кои три лица го загубиле животот, а 70 луѓе добиле телесни повреди.