Достапни линкови

Битолските студенти работат на причините за најтешките сообраќајки


На Техничкиот факултет во Битола стигнуваат 100-тина предмети годишно за сообраќајни несреќи кои ни судовите не можат да ги решат. Откако случајот ќе биде затворен, студентите на вежби ги утврдат причините.

Студенти од Техничкиот факултет во Битола во лабораторијата за сообраќај и транспорт, преку симулации ги откриваат причините и за најтешките сообраќајни несреќи кои реално се случиле во земјава. Судовите на факултетот годишно му праќаат по стотина предмети за сообраќајки на супер вештачење, а откако случаите ќе се затворат, дел се користат за едукација на студентите.

„Треба да се намалат сообраќајните незгоди зашто навистина има несовесни возачи. Лабораториите ги имаат сите помошни средства, најсовремени софтвери за да истражуваме“, вели студентот Бојан Димитровски.

„Истражуваме за сообраќајници. Го опфаќаме овој дел околу факултетот. Ќе правиме симулации, испитувајќи колку возила минуваат по кои патишта, на крај ќе добиеме резултати каква е состојбата во моментот и каква би била во некој следен период околу густината на сообраќајот“, вели неговата колешка Елена Јовевска.

Факултетот располага со десет моќни работни единици опремени со најсофистицирани софтвери од сообраќајно инженерство како на најпрестижните универзитети во Европа. Софтверите вршат планирање на сообраќајот, проектирање на светлосни сигнали, економски и еколошки анализи.

„Конкретни мерења прават сите студенти. Мерат токови на сообраќајот возила, пешаци, велосипедисти, потоа ги внесуваат како импут во програмите и добиваат резултати. На таков начин можете да утврдите како функционираат крстосниците, добро или лошо, зошто се јавуваат сообраќајните проблеми, задушување. Да не дозволиме катастрофални фатални грешки на терен. Симулацијата е најевтино решение во споредба со она што може да се случи во реалноста ако е нешто погрешно во проектот“, вели доцент д-р Даниела Колтовска Нечовска.

Софтверите овозоможуваат и утврдување на параметри при реална сообраќајна незгода кои на терен не можат да се откријат.

„Сложените сообраќајни незгоди, каде одредени кинематски параметри на возилата не можат да се утврдат зашто немаме доволно податоци, можат да се симулираат. Пример, кога имаме налет на возило врз пешак, преку софтверот ќе се добие брзината во моментот на контактот, излезната брзина, местото на контактот, секвенци како настанал ударот“, вели доцент д-р Зоран Јошевски.

На Техничкиот факултет стигнуваат и предметите за сообраќајки кои ни судовите не можат да ги решат.

„Голем дел од сообраќајните незгоди кои стигнуваат на Технички факултет се предмети за кои се работи супер вештачење, каде имаме спротивставени вештачења, па судот не знае на кој да довери верба, го праќа да се утврдат параметрите на судирот. Преку 100 предмети на годишно ниво од Технички факултет праќаат судовите на супер вештачење. Голем дел од нив, преку 80 проценти, се симулираат овие незгоди со цел судот да добие една реална слика“, вели професор Јошевски.

Ова е единствен отсек во земјава кој образува дипломирани сообраќајни инженери.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG