Достапни линкови

Печалбарско лето за арамиите


Илустрација.
Илустрација.

Џепчиите одат на „гурбет“ во туристичките места, а ограбувачите на станови го користат отсуството на граѓните и оперираат во другите градови.

Џепчиите и ситните дилери на дрога одат на „гурбет“ во туристичките места, ограбувачите на станови остануваат во другите градови. Поради големото неисполнето слободно време, младите почесто посетуваат ризични места, почесто се пие, се користат дроги, а со тоа се зголемува и бројот на прекршоци на јавниот ред и мир. За време на летото полицијата има полни раце работа.
По серијата кражби извршени во градот и низ плажите, СВР Охрид пронајде и приведе повеќе лица од Прилеп, Скопје, Ресен, Охрид и Битола. Тие во текот на изминатиов период се стекнале со противправна имотна корист од над 1,7 милиони денари. Што се однесува до овие казнени дела, можам да потврдам дека во изминатиов период се соочивме со повеќе групи на лица коишто оперирале низ Охрид, а се од останатите подрачја во земјава, но секако тука има и лица што се жители на Охрид.
Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Светските искуства велат дека за време на туристичката сезона, популарните туристички места стануваат популарни „печалбарски“ дестинации и за арамиите, дилерите и проститутките. Истото се случува и во местата каде што се одржуваат големи културни или спортски манифестации. Британската полиција пред десетина спроведе голема акција наречена Подиум во која беа уапсени неколку странски банди џепчии кои дошле во Лондон да крадат за време на Олимпијадата. Скотланд јард соопшти дека добиле разузнавачки податоци дека организирани банди од Јужна Америка и Источна Европа планираат кражби за време на игрите. Според полицијата, џепчиите се една од најголемите закани за Олимпијадата, веднаш зад заканата од тероризам.
Крадците го користат невниманието на туристите да украдат вредни предмети од плажа.
Крадците го користат невниманието на туристите да украдат вредни предмети од плажа.

Во литературата се познати тие случаи, џепчиите, односно криминалците, проститутките итн. да се селат во туристичките места и со тоа расте стапката на девијации воопшто, криминал, џепарење, разбојништва, тепачки итн., но веројатно и почестото и подолго летно седење во бифеа и ресторани ги вжештува страстите и настануваат чести тепачки, во поголем број отколку во другите годишни времиња.
Нелко Стојановски, универзитетски професор.
Тројца романски џепчии во Барцелона пред десетина дена гордо ги демонстрираа своите вештини пред камерата на Би-Би-Си. Велат дека се дел од група од 50 романски крадци кои оперираат во овој шпански град и најавија дека нивна следна дестинација е Лондон, каде што ќе „освојат злато“.

Каква е состојбата во Македонија? Дали може да се каже дека Охрид за време на сезоната станува Мека за криминалците од другите градови? Во вестите од црната хроника неретко може да се прочита за уапсени дилери на дрога од Скопје, Прилеп или Битола во Охрид или за крадци од некои од другите градови што решиле да поминат „работно лето“ во најпопуларното македонско туристичко место.
Празните станови, мамка за ограбувачите.
Празните станови, мамка за ограбувачите.

Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски потврдува дека има зголемување на одредени кривични дела во текот на летото. Почесто се апсат и криминалци од другите градови, вели тој.
Една од причините за тоа е зголеменото присуство на младите и малолетниците на јавните места во текот на денот, во вечерните и во раните утрински часови. Неорганизираното слободно време во текот на летниот распуст, зголемената присутност на младите во угостителските објекти и на настаните со безбедносни ризици многу често прават младите да бидат жртви, учесници или сторители на прекршоци и кривични дела. Тоа се должи на слабата контрола од страна на родителите за време на школскиот распуст, но и на зголемените социо-патолошки појави во кои младите понекогаш под влијание на бројни негативни фактори свесно се впуштаат во ризикот да станат престапници.
Фросина Ременски, универзитетски професор.

„По серијата кражби извршени во градот и низ плажите, СВР Охрид пронајде и приведе повеќе лица од Прилеп, Скопје, Ресен, Охрид и Битола. Тие во текот на изминатиов период се стекнале со противправна имотна корист од над 1,7 милиони денари. Што се однесува до овие казнени дела, можам да потврдам дека во изминатиов период се соочивме со повеќе групи на лица коишто оперирале низ Охрид, а се од останатите подрачја во земјава, но секако тука има и лица што се жители на Охрид.“

Димоски вели дека охридската полиција е на терен и оти арамиите-печалбари во Охрид може да заработат само кривична пријава и ништо повеќе.

Анкетираните охриѓани сметаат дека нивниот град е безбеден и дека проблемите ги прават туристите.

„Тоа сè се луѓе од надвор дојдени, не се охриѓани.“

„Екцесна работа, тоа не значи дека не е безбедно“, велат охриѓани.

Димоски неодамна најави дека полицијата ќе го зголеми нивото и степенот на безбедност во Охрид со цел охриѓани и туристите да бидат посигурни. Повеќе екипи на полициски службеници веќе се распоредени и ги покриваат речиси сите угостителски објекти и ноќни клубови, особено онаму каде во изминатиов период имаше инциденти, рече тој.

„Тоа ќе го правиме особено во вечерните и ноќните часови бидејќи искуствата покажуваат дека токму навечер и во раните утрински часови се случуваат такви немили настани. Се надеваме дека на овој начин ќе се делува благовремено и ефикасно кога ќе има ескалирање на одреден проблем. Тоа значи дека до секој ноќен клуб ќе има полициски службеници кои ќе го покриваат тој објект и ќе имаат задача да не дозволат да дојде до нарушување на јавниот ред и мир“, рече Димоски.

Професор Нелко Стојановски кој долго време предава социологија на општествени девијации и социјална патологија на Филозофскиот факултет во Скопје, вели дека летно време и бројот на луѓе во туристичките места се зголемува, па автоматски се зголемуваат и шансите за извршување на криминал.
Од секогаш било така и секаде е така, тоа се првите места каде што кој било граѓанин се обраќа кога ќе се најде во каква било неволја или кога ќе се случи безбедносен проблем. Полициска станица не е само полицаец во униформа којшто треба некого да приведе, туку таа полициска станица има многу поголемо значење.
Слаѓана Тасева, универзитетски професор.

„Во литературата се познати тие случаи, џепчиите, односно криминалците, проститутките итн. да се селат во туристичките места и со тоа расте стапката на девијации воопшто, криминал, џепарење, разбојништва, тепачки итн., но веројатно и почестото и подолго летно седење во бифеа и ресторани ги вжештува страстите и настануваат чести тепачки, во поголем број отколку во другите годишни времиња“, вели Стојановски.

Од друга страна, тоа што луѓето се на одмор и ги напушаат домовите, им остава „бришан“ простор на ограбувачите на куќи. Портпаролот на МВР Иво Котевски вели дека според полициската статистика, во второто тримесечје од годинава имало дури 30 отсто повеќе тешки кражби во куќи и во станови во однос на првите три месеци од годинава. Арамиите годинава најмногу се офајдиле од кражба во куќа во населбата Ѓорче Петров во Скопје, каде што во февруари го олесниле сопственикот за 175 илјади евра. Пред еден месец, пак, засега непознати арамии од стан во центарот на Скопје, си заминале со 120 илјади евра, 25 илјади долари, 100 илјади денари, 1,5 килограми злато и еден пиштол.
Граѓаните не само што не се, условно речено, оштетени или не им се ускратени некои права, туку напротив, полицијата е многу поблиску до нив и многу повеќе полициски службеници им стојат на располагање.
Гордана Јанкулоска, министерка за внатрешни работи.

Сепак, Котевски вели дека минатата година најмногу тешки кражби во куќи и станови не се извршени во текот на летото, туку за време на зимата.
Повеќе алкохол - повеќе сообраќајки.
Повеќе алкохол - повеќе сообраќајки.

„Од согледувањата за овој вид на криминалитет минатата година произлегува дека најмалку тешки кражби во куќи се извршени во првото тримесечје, а приближно ист е нивниот број во второто и во третото тримесечје, додека најмногу тешки кражби во куќи и станови се извршени во четвртиот квартал во годината.“

Полициската статистика вели дека вкупниот број на тешки кражби во второто тримесечје годинава е зголемен за 11 отсто во однос на истиот период минатата година.

Повеќе кражби, тепачки, сообраќајки, дрога...
Еве со мали деца, се мислиш дека некој ќе ти излезе од некаде, не се чувствувам безбедно. Како помлада сум шетала, не ми било страв, меѓутоа сега не, гледам да ги завршам сите работи што е можно порано и покасно не се движам.
Анкетиран граѓанин.

Професор Фросина Ременски од Факултетот за безбедност вели дека во летниот период се забележува пораст на одредени кривични дела. Полицијата не прави посебни анализи за криминалитетот за време на летото во споредба со другите годишни времиња, туку анализите ги прави квартално, вели Ременски, но од стручните анализи и од достапните статистички податоци може да се заклучи дека злоупотребата на дрогите, кражбите и насилниот криминалитет, како и сообраќајните деликти летно време бележат пораст. Се зголемуваат и прекршоците против јавниот ред и мир, а се зголемува и бројот на млади и малолетни сторители на прекршоци и одредени кривични дела, вели таа.

Се известува за сè и сешто, а мас медиумите наоѓаат интересни случки да заинтригираат поширок круг читателска или гледачка публика и ги презентираат. И во минатото имало случаи луѓе да се испотепаат за меѓата, за нивата, за козата, за кокошката и тоа да заврши со смртни последици. Денеска има можност тоа да се објави, да биде широко публикувано и да заинтригира поголем круг читатели или гледачи.
Нелко Стојановски, универзитетски професор.
„Една од причините за тоа е зголеменото присуство на младите и малолетниците на јавните места во текот на денот, во вечерните и во раните утрински часови. Неорганизираното слободно време во текот на летниот распуст, зголемената присутност на младите во угостителските објекти и на настаните со безбедносни ризици многу често прават младите да бидат жртви, учесници или сторители на прекршоци и кривични дела. Тоа се должи на слабата контрола од страна на родителите за време на школскиот распуст, но и на зголемените социо-патолошки појави во кои младите понекогаш под влијание на бројни негативни фактори свесно се впуштаат во ризикот да станат престапници“, вели Ременски.

Таа посочува дека податоците од лонгитудиналното истражување на Факултетот за безбедност – Јавниот лик на македонската полиција 2008-2012 година, во чие изготвување учествувала, покажуваат дека наркоманијата и злоупотребата на дроги, кражбите и самоволието на поединци и групи се најчести проблеми со кои се соочуваат граѓаните за време на летото.

Мешани патроли за грижа за младите

Со оглед на тоа дека во летниот период младите се почесто изложени на опасноста од пороци, почна проектот на мешани патроли од родители, полицајци и инспектори на местата каде што навечер излегуваат младите. Телевизиските камери регистрираа една ваква патрола во Градскиот парк во Скопје.
Летно време има и повеќе тепачки.
Летно време има и повеќе тепачки.

„Велите сокче пиете а? А тоа шишето што го криете што е? Зошто го криете“, вели полицаецот.

„Тоа ни е за после. Да не ни се грее“, одговорија младите.

„Три литри вино, а видете колку луѓе сме. Чисто да се развеселиме“, вели друга девојка.

Родителите што учествуваа во патролата беа задоволни од тоа што го виделе.
Моралните и социјалните стеги кај гледачите попуштаат. По пат на проекција многу често се случува тоа медиумски да се репродуцира, значи преку медиумите да се влијае на тоа да се зголемат овие настани, луѓето кај кои што стегите, односно отпорот кон вршење криминал и други насилни дејства се под контрола, тие да ја изгубат контролата.
Сеад Џигал, комуниколог.

„Имам ќерка тинејџерка на 15 години, сака да излегува и бара да доаѓа на места коишто јас сега ги посетив, значи Градскиот Парк. Едноставно сега увидов дека не е ништо страшно, дека можам да ја пуштам да дојде да се дружи“, вели една мајка.

Сепак, дел од оние родители што ги анкетиравме на скопскиот плоштад после тоа се сомневаат дека ваквите патроли ќе дадат резултати.

„Не е толку лошо, но мислам дека нема да вроди со некој плод. Гледам дека родителите позитивно реагираат дека децата биле добри, во границите на нормалното, а ваму ни се случуваат разни работи“, вели еден родител.
За време на летниот распуст се зголемува бројот на млади и малолетни кои се жртви или сторители на кривични дела или прекршоци.
За време на летниот распуст се зголемува бројот на млади и малолетни кои се жртви или сторители на кривични дела или прекршоци.

Експертите посочуваат дека мешаните патроли се познат и добар концепт за превенција на криминалитет во некои европски земји и во САД, но функционира само ако родителите прво од дома си ги воспитаат децата.

Полициските станици под клуч, а безбедноста?

Во меѓувреме, МВР одлучи да ги затвора полициските станици по 22 часот, а за време на викендите нема воопшто да работат. Станиците навечер ќе се заклучуваат, а пред нив има само полициски службеник во чуварница кој ќе ги сослушува граѓаните. Доколку граѓаните во вечерните часови имаат потреба од полиција ќе мораат да отидат во единствената дежурна полициска станица во Скопје. Тоа, пак, го отвора прашањето за безбедноста на граѓаните.

Поранешната директорка на Полициската академија, Слаѓана Тасева вели дека ваквиот модел на работа е неприфатлив, зашто полициските станици се местата каде што во секое време може да се обратат граѓаните кога имаат каков било проблем.

„Од секогаш било така и секаде е така, тоа се првите места каде што кој било граѓанин се обраќа кога ќе се најде во каква било неволја или кога ќе се случи безбедносен проблем. Полициска станица не е само полицаец во униформа којшто треба некого да приведе, туку таа полициска станица има многу поголемо значење“, вели Тасева.

Професор Ременски вели дека полицијата мора да го преиспита овој нов концепт за ново работно време на полициските станици.

„Не треба да профункционира овој систем, односно овој нов концепт, додека не се направат сериозни анализи за тоа какво ќе е влијанието на работата на полициските станици врз намалувањето или зголемувањето на криминалитетот во станичните подрачја. Се плашам дека вакви анализи не се направени или, пак, доколку се направени не биле земени предвид сите релевантни фактори кои имаат влијание врз порастот на криминалитетот и криминализацијата на општеството“, вели таа.

Од друга страна, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска вели дека тоа нема да ја намали ефикасноста на полицијата и посочи дека полициските патроли на терен се зголемени за три пати.

„Граѓаните не само што не се, условно речено, оштетени или не им се ускратени некои права, туку напротив, полицијата е многу поблиску до нив и многу повеќе полициски службеници им стојат на располагање“, рече Јанкулоска.

Медиумите информираат, но и создаваат паника

Син искасапил мајка, па се пофалил на Фејсбук, се обидел да го силува соседот во подрум, мајка задушила бебе, а не Фејсбук напишала дека не може веќе да издржи, петмина убиени кај Смиљковското Езеро... Во последниве неколку месеци медиумите се полни со наслови за бизарни убиства од уште побизарни причини. Се добива впечаток дека Македонија станува опасно место за живеење.

„Имаше пред мене вистински инциденти од кои човек навистина треба понекогаш да се уплаши.“

„Сè е тоа од немаштијата, младите немаат егзистенција и веројатно е поради тоа.“

„Еве со мали деца, се мислиш дека некој ќе ти излезе од некаде, не се чувствувам безбедно. Како помлада сум шетала, не ми било страв, меѓутоа сега не, гледам да ги завршам сите работи што е можно порано и покасно не се движам.“

„Нема што да крадат од нас, да имавме нешто па ајде“, велат анкетираните граѓани.

Сепак, полициската статистика не го оправдува овој впечаток дека криминалот рапидно расте. Според податоците на МВР, во второто тримесечје од годинава има помалку убиства од истиот период минатата година. Исто така, се случиле помалку сообраќајни несреќи во кои има настрадани. Во вториот квартал лани во сообраќајки загинале 37 луѓе, 246 луѓе биле тешко повредени, а полесно повредени биле 1.489 луѓе. Во истиот период годинава загинале 34 луѓе, 239 биле потешко, а 1.288 полесно повредени. Намален е и бројот на разбојништва. Во април, мај и јуни лани имало 119 разбојништва, а во истиот период годинава – 105.

Експертите велат дека интензивното и сензационалистичко известување за настани од црната хроника создава перцепција кај граѓаните дека земјата станува понебезбедна, иако криминалот во тој период може и да се намалил. Професор Нелко Стојановски вели дека криминалот во Македонија со години е стандарден и без рапидни растови или падови.

„Се известува за сè и сешто, а мас медиумите наоѓаат интересни случки да заинтригираат поширок круг читателска или гледачка публика и ги презентираат. И во минатото имало случаи луѓе да се испотепаат за меѓата, за нивата, за козата, за кокошката и тоа да заврши со смртни последици. Денеска има можност тоа да се објави, да биде широко публикувано и да заинтригира поголем круг читатели или гледачи“, вели Стојановски.

На сличен став е и комуникологот Сеад Џигал. Во трка за повеќе гледачи или читатели, притиснати од конкуренцијата, медиумите ги напуштија професионалните стандарди за начинот на кој се пренесуваат тие вести, а тоа дури може и да поттикне криминал, вели тој.

„Моралните и социјалните стеги кај гледачите попуштаат. По пат на проекција многу често се случува тоа медиумски да се репродуцира, значи преку медиумите да се влијае на тоа да се зголемат овие настани, луѓето кај кои што стегите, односно отпорот кон вршење криминал и други насилни дејства се под контрола, тие да ја изгубат контролата“, вели Џигал.

Професор Ременски вели дека не смее да се занемарува субјективното чувство на граѓаните дека има повеќе криминал. Таа се согласува дека медиумите го потхрануваат тој страв, но посочува дека зголеменото известување за криминал, во зависност од начинот на известување, може и да има позитивни ефекти.

„Претпазливоста може да помине и во еден вид на параноја дека во секој момент може да ви се случи нешто, а може да биде и разумна. Значи тој вид на страв го зголемува и степенот на безбедносна култура кај граѓаните.“

Таа вели дека не смее да се занемарува и социо-економската состојба на граѓаните и падот на економските параметри на државата, кои влијаат на пораст на криминогените фактори кои во иднина може само да ја зголемуваат стапката на криминал, но не и да го намалат стравот кај граѓаните.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG