Реформите го чекаат буџетот, буџетот ја чека ВМРО-ДПМНЕ

Илустрација: Собраниска седница

Во Собранието речиси цела недела не доаѓаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, иако официјално не е најавен бојкот. Се одложуваат комисиските седници за буџетот, а по неговото гласање планот на собраниското мнозинство е на дневен ред да дојдат реформските закони.

Иако засега официјално не е најавено, опозицијата ја бојкотира работата на Собранието по приведувањата поврзани со настаните од 27 април. Од минатата недела во парламентот не доаѓаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, а претседателите на комисиите од партијата ги одложуваат седниците за буџетот.

Илија Димовски, координатор на една од десетте пратенички групи на опозициската партија, деновиве рече дека по последните случувања го смениле ставот и за поддршката за предвидените реформи во владиниот план 3-6-9. Од сега па натаму се е можно, нашиот став многу е променет поради политичкиот реваншизам, рече Димовски.

Политичкиот аналитичар Џељаљ Незири, сепак смета дека се уште внатре во структурите на ВМРО-ДПМНЕ немаат расчистено како да се постават за расчистувањето на настаните од 27 април во Собранието.

„Oваа неодлучност на ВМРО-ДПМНЕ за тоа како да постапи во следниот период креира еден вид необјавен бојкот на Собранието кој нормално дека негативно ќе влијае за очекувањата на земјата за побрза интеграција во Европската унија“, вели Незири.

Извори од парламентарното мнозинство велат дека нивните оптимистички прогнози се буџетот за 2018 година кој треба да биде донесен до крајот на годинава, да помине во Собрание до 18 декември. Следните денови од месецот, според нивниот план, би требало да останат за законите од планот 3-6-9.

Еврокомесарот Јоханес Хан пред неполн месец, при посетата на Скопје, инсистираше токму декември да биде клучниот месец во кој ќе се завршат предвидените реформи. Ги спомена реформите на разузнавачките служби, судството и јавната администрација како области во кои се потребни конкретни резултати до крајот на годината.

Во Собранието, велат истите извори од мнозинството, пристигнати се шест предлог закони поврзани со бараните реформи, кои чекаат да се заврши процедурата со буџетот па да бидат ставени на дневен ред. Меѓу таквите закони тие ги вбројуваат за заштита на сведоци, за избор на двајца врховни судии, за престанок на важењето на Законот за совет за утврдување на факти, избор на нов јавен обвинител и други.

Предлогот за реформите во разузнавачките служби се уште го нема на листата на задачи за пратеници. За некои од овие закони е потребно двотретинско мнозинство и за нив според истите извори би можело да се одолговлечи носењето ако ВМРО-ДПМНЕ остане на истата тактика, односно нивните пратеници да не одат во Собранието.

Според Незири, има обид за неформален договор за поддршка на реформите.

„На протестот на ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на партијата повика на национално помирување и амнестија на вклучените во настаните од 27 април. На тоа јас гледам како на обид за неформален договор за поддршка на реформите, а за возврат на тоа да се добие амнестија на инволвираните“, вели Незири.

Сепак неговите очекувања, до таков договор нема да дојде, бидејќи, како што додава, судството треба да биде независно, а и самите реформи кои треба да се гласаат треба да ја осигураат неговата независност.