Достапни линкови

Конечна одлука за имунитетот на осомничените пратеници на пленарна седница


Гласање на седницата на собраниската Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања
Гласање на седницата на собраниската Комисијата за деловничко и мандатно-имунитетни прашања

На пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Жаклина Пешевска и Јохан Тарчуловски од ВМРО-ДПМНЕ, како и за Љупчо Димовски од Социјалистичката партија, матичната собраниска комисија одобри одземање на нивниот имунитет. Конечната одлука ќе се носи на собраниска седница. Тие се осомничени за учество во насилствата во Собранието на 27 април.

Комисијата за деловнички и мандантно - имунитетни прашања одобри да им се одземе имунитетот на шестемина пратеници осомничени за учество во насилствата во Собранието на 27 април. За пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Жаклина Пешевска и Јохан Тарчуловски од ВМРО-ДПМНЕ, како и за Љупчо Димовски од Социјалистичката партија, судија на претходна постапка побара симнување на нивниот пратенички имунитет заради одредување на мерка притвор. Тие заедно со уште 30 лица се осомничени за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.

За секое од барањата за осомничените пратеници се гласаше поединечно. На седницата на комисијата не присуствуваа четворицата членови од ВМРО-ДПМНЕ. Епилогот за сите беше пет гласови „за“ и ниту еден против или воздржан.

Членот на комисијата од СДСМ, Александар Кирацовски кој единствено побара збор истакна дека она што се случило на 27 април било напад врз демократијата, уставниот поредок и обид да се загрози животот на пратениците од тогашната опозиција. Според него, институциите имаат одговорност до крај да го расветлат случајот за правдата да излезе на виделина и такви дела никогаш повеќе да не се повторат.

„Ситуацијата е многу чиста, фактите се очигледни, аргументите се поголеми од сите нас. И покрај сè лично уште кога се избираше Владата на Република Македонија им простив на нашите колеги пратеници од сегашната позиција и сите оние кои учествуваа во овој немил настан, затоа што човечки е да се прости, затоа што видов дека и самите тие не биле свесни во каква игра биле ставени и што сè можеше да се случи. Но, видов и дека тие никогаш нема да простат на оној којшто им давал наредба да се впуштат во нешто од кое што ќе се срамат целиот свој живот“, рече Кирацовски.

Собраниската комисија одобри одземање на имунитетот на осомничените пратеници
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:41 0:00

Тој порача дека Собранието никогаш немало интенција да попречува судска постапка, при што законот мора да важи подеднакво за сите како и за пратениците и затоа тој и неговите колеги од Комисијата ќе гласаат позитивно за барањето на судот.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираа преку соопштение дека одлуката на комисијата не е базирана на факти и аргументи, туку е базирана на голата желба за политички реваншизам на СДСМ.

„Лишувањето од слобода на пратеници е врвен доказ за непостоење на правен систем и непочитување на Уставот на Република Македонија. Пораката што СДСМ ја прати со денешната одлука на партиската Комисија за мандатно-имунитетни прашања е дека СДСМ не сака да постои опозиција на нивното владеење ниту во Собранието, ниту надвор од него.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека не сакаат да даваат легитимитет на противуставните одлуки на како што истакнуваат, партиската комисија на СДСМ.

Согласно Деловникот на Собранието за одземањето на имунитетот, по Комисијата за барањата треба да се расправа и на пленарна седница. Собранието има рок од три дена од приемот на барањата да донесе одлука. На 13 осомничени во случајот, судот веќе им одреди притвор од 30 дена, а шестмина добија домашен притвор.

Од Судот информираа дека за пратениците кои се осомничени, судијата на претходна постапка ќе пристапи кон одлучување по предлогот на обвинителството откако Собранието ќе расправа за одземање на нивниот имунитет. За останатите лица кои се опфатени во предлогот, а не биле на распит Судот се уште нема добиено известие за причините поради кои не е постапено по наредбите за нивно приведување.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека се трaга по останатите 12 лица и дека тие најверојатно се наоѓаат во Македонија и дека некои од нив поседуваат двојно државјанство.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG