Кривичниот суд соопшти денеска дека од 24 лица повикани на распит за насилствата во Собранието на 27 април им одреди мерка притвор од 30 дена на 13 осомничени, додека шестмина од осомничените добија куќен притвор. Тие имаат право на жалба до Кривичниот совет на овој суд во рок од 24 часа по приемот на решенијата. Основното јавно обвинителство сомничи 36 луѓе за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Во бројката на повикани на распит во судот се и петмината осомничени пратеници кои се единствените за кои Судот не донесе одлука.
Од Судот информираат дека за пратениците кои се осомничени, судијата на претходна постапка ќе пристапи кон одлучување по предлогот на обвинителството откако ќе биде одлучено по барањето на судот испратено до Претседателот на Собранието. За останатите лица кои се опфатени во предлогот, а не биле на распит судот сеуште нема добиено известие за причините поради кои не е постапено по наредбите за нивно приведување.
Меѓу осомничените се поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и поранешен министер за внатрешни работи Митко Чавков, актуелните пратеници од опозициската коалиција Крсто Мукоски, Јохан Тарчулоски, Љубен Арнаудов, Жаклина Пешевска, Сашо Василевски и Љупчо Димовски. Осомничени се и иницијаторите на „За заедничка Македонија“, Богдан Илиевски, актуелниот член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, како и режисерот Борис Дамовски, оперскиот пејач Игор Дурловски и актерот Владо Јовановски.
Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на која треба да се расправа за барањата за одземање имунитет на осомничените пратеници најверојатно нема да се одржи вечерва, а се очекува да биде закажана за утре.
Претседателот на Собранието Талат Џафери изјави дека барањата ќе бидат доставени до Комисијата онака како што е пропишано со Деловникот и дека нема потреба да се брза. Роковите и постапката ќе бидат запазени, посочи тој.
Комисијата во рок од два дена треба да се изјасни, а врз основа на нејзиниот извештај, Собранието за три дена треба да одлучува по барањето за евентуалното одземање на имунитетот на пратениците. За тоа да се случи потребно е мнозинство од 61 пратеник.
Од ВМРО-ДПМНЕ продолжија со протести и со блокирање на неколку раскрсници низ Скопје. Вчера поддржувачите на партијата излегоа на протести пред Кривичниот суд по повикот да излезат на улица сите граѓани кои не се согласуваат со антидржавната политика на СДСM.
На протестите се појави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кој застана во првите редови пред полициската блокада, а потоа разговараше и со насобраните граѓани. Претходно Груевски од партиското седиште повика да бидат ослободени осомничените и дека случајот според него е класичен политички прогон.
Претседателот Ѓорѓе Иванов доцна синоќа на прес конференција истакна дека за политичкото и за физичкото насилство за настаните од 27 април одговорност мора да има. Но, порача и дека ја поддржува иницијативата „За заедничка Македонија“ и дека граѓаните кои се сплотиле и ја демонстрирале идејата за заедништво не се и не може да бидат третирани како терористичка организација.