Откако во петокот Собранието им го симна имунитетот на шестемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата осомничени за учество во настаните во Собранието на 27 април, денеска треба да бидат изведени пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд.
На распитот се очекува да се појават пратениците Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Сашо Василевски, Крсто Муковски, Љубен Арнаудов и Љупчо Димовски. Тие ќе се појават во Судот откако известувањето од Собранието за симнување на нивниот имунитет во Кривичниот суд пристигна вчера. По ова известувањето беше доставено на надлежните судии на претходна постапка, со што се создадоа услови да се постапува по предлогот на Обвинителството.
Основниот суд Скопје 1 – Скопје вчера потврди дека до нив пристигнало известувањето за симнувањето на имунитетот на шестмината пратеници од Собранието на Република Македонија.
„Известувањето е доставено на надлежните судии на претходна постапка, со што се создадени услови да се постапува во предлогот на Обвинителството. Судиите на претходна постапка кои постапуваат по предлогот ги известуваат странките во конкретната постапка кога ќе бидат повикани да се произнесат во однос на предлогот, а по донесено решение од страна на судиите, јавноста ќе биде навремено известена”, информираа од Судот.
Шестемина пратеници се дел од 36-те лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април годинава во Собранието на Република Македонија.
Минатата недела Собранието изгласа симнување на имунитетот на шестемина пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, откако судија на претходна постапка побара симнување на нивниот пратенички имунитет заради одредување на мерка притвор како осомничени за насилствата во Собранието на 27 април.
На седницата во петокот присуствуваа 67 пратеници, а за имунитетот на пратениците се гласаше поединечно. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не присуствуваше на пленарната седницата за која оцени дека е „политичка фарса, чија единствена цел е реваншизам, сеење омраза и уништување на сите оние кои што мислат различно“.
„ВМРО-ДПМНЕ ги разгледува сите возможни опции за да се спротистави на ова безумие и да се стави во заштита на луѓето кои неправедно се дел од политички монтирани процеси без разлика дали тоа се пратеници, официјални лица или обични граѓани, чиј единствен грев е што се дрзнале врз основа на својата совест и убедување да се спротивстават на политиките на СДСМ“, наведе опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на Собранието Талат Џафери веднаш по завршувањето на пленарната седница ги потпиша одлуките за симнување на имунитетот на шестмината пратеници од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и тие беа проследени до Кривичниот суд.
Џафери за медиумите изјави дека нивото на тензичност во државата треба да се сведе на минимум.
„Физички и формално 27 април е атак кон нас како личности претставници на граѓаните, но во суштина тоа е атак кон дел од суверенитетот бидејќи ние претставуваме група, а не поединци. И во тој контекст, тежината на делото добива на значење“, рече претседателот на Собранието Талат Џафери.
Не е едноставна, наведе Џафери, одлуката и чувството да се доведеш во ситуација да изгласаш одлука која подразбира поинаков статус на колега којшто би требало да биде колега. Имајќи ја предвид презумпцијата на невиност се додека не се докаже вината во соодветна права процедура за мене тие се пратеници и моја законска обврска по Деловник е да водам сметка за правата на пратениците, без оглед кој ќе биде идниот статус, посочи Џафери.