Собранието на Македонија денеска ќе расправа за барањето на Кривичниот суд за одобрување притвор на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски и Жаклина Пешевска и за пратеникот Љупчо Димовски од Социјалистичката партија. Единствени точки на дневниот ред на оваа собраниска седница се барањата за притвор на шесте пратеници.
Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања вчера со пет гласа „за“ го прифати барањето за одобрување притвор на овие пратеници, кои се осомничени за кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со организираниот напад во Собранието на 27 април. Собранието има рок од три дена од приемот на барањата да донесе одлука.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во меѓувреме, Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје 1, Скопје ги прифатил жалбите на Основното јавно обвинителство за гонење на кривични дела од областа на организираниот криминал и за тројца осомничени за упадот во Собранието, за кои беше определен куќен притвор и одлучил да им изрече потешка мерка, односно го преиначил решението и го испратил во истражниот затвор во Шуто Оризари.
Во текот на денешниот ден, Кривичниот совет треба да одлучи по жалбите и за другите обвинети за кои ОЈО бара притвор, а не куќен притвор, како и за жалбите на дел од притворените кои бараат да одат од Шутка во домашен притвор.
Вчера меѓудругото беше определен притвор и за три лица кои беа најдени или сами се пријавиле, а се дел од групата од 36 осомничени за настаните од 27 април во Собранието. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека се трaга по останатите девет лица и дека тие најверојатно се наоѓаат во Македонија, а некои од нив поседуваат двојно државјанство.
По одлуката на собраниската комисија за одземање на мандатот на шестмината пратеници, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека одлуката на комисијата не е базирана на факти и аргументи, туку е базирана на голата желба за политички реваншизам на СДСМ.
„Лишувањето од слобода на пратеници е врвен доказ за непостоење на правен систем и непочитување на Уставот на Република Македонија. Пораката што СДСМ ја прати со денешната одлука на партиската Комисија за мандатно-имунитетни прашања е дека СДСМ не сака да постои опозиција на нивното владеење ниту во Собранието, ниту надвор од него“, се вели во партиското соопштение.
Во последните три дена поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ одржаа протести во знак на револт од последните случувања. Приврзаниците на оваа партија порачуваат дека актуелната власт спроведува политички прогон и води антидржавна политика. Од партијата најавија дека во наредните 30 дена, во периодот од 15 до 17 часот ќе блокираат повеќе скопски крстосници.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5