Новите случувања што ги води јавното обвинителство поврзани со расчистувањето на крвавите настани во Собранието на 27 април може да влијаат и врз одредени други политички теми кои се сметаат за клучни периодов, оценуваат аналитичарите.
Првичната реакција на ВМРО-ДПМНЕ е дека тие излегуваат на улица. Нивниот лидер Никола Груевски побара итно пуштање на слобода на сите лица кои се опфатени со овој, како што рече, класичен политички прогон. Редовните активностите во Собранието, пак, беа откажани, иако периодов се смета за клучен за европската агенда на Македонија.
Но, според Марко Трошановски од Институтот за демократија, сето ова нема да влијае врз спроведување на мерките од планот 3-6-9 и на добивањето на безусловна препорака за преговори, а ќе има влијание и врз други важни процеси.
„Меѓутоа во пресрет на решавање на спорот за името и системските закони за кои е потребно двотретинско мнозинство очекувам да се случуваат поголеми проблеми, бидејќи судејќи според реакциите на ВМРО-ДПМНЕ, овој развој на настаните ќе ги оддалечи партиите од помирување и некаков консензус за овие прашања“, вели Трошановски.
Ако, пак, ВМРО-ДПМНЕ реши на подолг рок да не учествува во работата на Собранието, тоa нема да најде на разбирање од меѓународната заедница и партијата ќе се соочи со силен притисок за да се смени тоа, оценува тој.
Аналитичарот Алберт Муслиу, пак, е речиси уверен дека апсењата за 27 април нема да имаат влијание врз политички важните процеси. Целата јавност беше сведок на случувањата пролетта во парламентот и затоа тешко е да се поверува дека се работи за политички реваншизам, тврди Муслиу, додавајќи дека од друга страна, голем процент од граѓаните се поддржувачи на евроатлантската агенда на земјава и заради тоа опозициската партија ќе внимавала на своите постапки да не бидат протолкувани како антиевропски.
„Јас не верувам дека ќе има драматичен развој на настаните, но и ако дојде до такво нешто, адресата за вината ќе се знае чија е. ВМРО-ДПМНЕ не е мала партија и не верувам дека заради спроведување на владеењето на правото ќе се исклучи од политичките текови“, вели Муслиу.
Од ВМРО-ДПМНЕ засега не откриваат како ќе делуваат понатаму. Генералниот секретар на партијата Христијан Мицковски само спомена дека има повеќе сценарија, но не даде детали.
Претседателот Ѓорге Иванов, по полноќ соопшти дека во неговиот кабинет ги викнал премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за да разговараат за актуелните случувања и можните решенија за излез од актуелната состојба на напнатост во државата што предизвикува загриженост кај граѓаните.
„Целта на средбата беше да се поттикне помирување и нормализирање на политичките процеси во Република Македонија. Присутните на средбата се согласија разговорите да продолжат и во иднина“, се наведува во соопштението.