Тој боледува од спино-церебрална атаксија, заради која не му функционираат нозете и не може да се движи без помагала. Така живее од својата 20 година. Годинава состојбата започнала да се влошува, а лекарите му советувале што побру да почне да се соодветно лекување.
„Оваа болест ја имам последни 15 години. Не можам да се движам без помагала. Напредок последно време нема од оваа болест, само уназадување имам, се потешко се движам. Сметам на оваа операција со матични клетки во Пекинг, Кина дека ќе ми успее за да згазнам на своите нозе“, вели Стрезовски.
Од јуни започнал самиот да се јавува по луѓе и организации за да прави хуманитарни настани со цел да собере донации со кои ќе може да го плати лекувањето. Некој го одбива, некој помага, вели гостиварчанецот Ивица.
„Се јавив кај некаде 15-16 пејачи и ги замолив просто дали сакаат да присутвуваат на мојот хуманитарен концерт. Имаше некој од нив кои навистина прифатија, некои што ми побараа само превоз, некои дојдоа така и плус донираа од нив. Имаше разни случаи. Имаше некои што навистина беа зафатени и не можеа да дојдат, а што сакаа да донираат и донираа. Има разни работи. Сега планирам уште еден таков концерт да направам“, објаснува тој.
Ивица не може да смета на помош од Фондот за здравствено осигурување. Лекувањето со методата на вметнување матични клетки во коскената срж се уште не е прифатена од медицината базирана на факти и се смета за експериментална.
„Потребни се 18 илјади долари само за операцијата, само за вбризгувањето на матични клетки. Потребни се плус пари за сместување, за карти, за храна, за лекарства. Лекарствата чинат малку повеќе, тоа ме плаши. Лекарствата за еден месец чинат две илјади евра. Можат да се купат само во Кина, во Пекинг. А тие треба да се примаат шест месеци. Шест месеци по две илјади тоа се 12 илјади евра. Тие пари малку потешко може да се најдат“, вели Ивица.
Од јуни до крајот на годината за помош на Ивица хуманите луѓе може да донираат и преку повици и порака од мобилните телефони.