Достапни линкови

За два дена откриени 11 нови случаи од хепатит Ц


Од 107 битолчани и скопјани кои бесплатно се тестирале во рамки на акцијата што ја спроведе Центарот за хепатитис „ХЕПАР“ од Битола, откриени биле 11 заболени од хепатитис Ц, кој ако не се лекува може да доведе до смрт. Во Центарот велат дека многу луѓе, кои воопшто не спаѓаат во ризична категорија, може да го имаат вирусот, а воопшто да не се свесни за тоа.

Единаесет новозаболени лица од хепатит Ц биле откриени за два дена меѓу 107 битолчани и скопјани кои бесплатно се тестирале во рамки на акцијата што ја спроведе Центарот за хепатитис „ХЕПАР“ од Битола. Од центарот велат дека бројката на заболени расте, а доколку не се лекува навреме и не се третира со современи лекови можат да настанат фатални последици.

„Како последица на овие вируси кои го напаѓаат црниот дроб понатаму може да настане хепатоцелуларен карцином и цироза на црниот дроб. Постои одредена категорија на луѓе и вработени кои се особено изложени на ова заболување, а тоа се интравенските корисници на дрога, голем е процентот на инфекција, потоа здравствени работници, новороденчиња од инфицирани трудници и други“, вели Лијалана Милевска, специјалист по социјална медицина во Центар за јавно здравје во Битола.

25-годишна скопјанка и 37-годишен кумановец кои првично биле заболени од хепатит Ц, а потоа болеста предизвикала посериозни компликации, сега чекаат Фондот за здравство да им дозволи трансплантација на црн дроб во странство. Ваков оперативен зафат сè уште не се изведува во нашата држава, па единствената надеж им се странските клиники.

Кумановецот боледува од хепатоцелуларен карцином, а пациeнтката се лекува од декомпезирана цироза.

„Апелираме до Фондот за здравство што е можно поскоро да им овозможи двајцата пациенти да направат трансплантација бидејќи нивните животи се во голема опасност. Со секој момент на одлагање нивниот живот е ставен на коцка. Документацијата за девојката е веќе готова, се чека уште решение од ФЗО за пациентката да замине во Италија каде ќе се прави трансплантацијата“, вели Милан Мишковиќ од „ХЕПАР“.

За пациентот од Куманово се чека да се најде донор на црн дроб и Комисијата од ФЗО да даде дозвола за лекување во странство.

„За пациентот чекаме од Хрватска или Турција за брзо време да го добиеме повратниот одговор во однос на донорот, па во тој случај ни останува само процедурата што е во Фондот за здравствено осигурување за да замине. Во вторник треба да биде формирана таа комисија. Апел до неа да ја забрза оваа процедура“, рече Мишковиќ.

Од Центарот за хепатитис „ХЕПАР“ од Битола објаснуваат дека овие два пациенти не спаѓаат во ризичните групи кои оболуваат од хепатит, но можно е луѓето да бидат носители на вирусот без да бидат свесни за тоа. Овие два пациенти се итни случаи, но за скоро ќе биде потребна трансплантација уште за петмина други.

„Можеме да кажеме дека имаме уште доста млади луѓе кои не спаѓаат во ризичните групи, а се заболени. Многу луѓе не се свесни дека овој вирус го поседуваат, случајно го откриваат, а тогаш е доцна и може да биде фатален по нивното здравје“, вели Мишковиќ.

Во регионот на Битола, Новаци и Могила во 2016 година беа регистрирани 76 заболени пациенти од хепатит Б и Ц.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG