Повеќе пари за намалување на невработеноста кај младите

Околу 40 проценти од младите во Македонија се невработени. Потребни се мерки тие поуспешно да се вклучат на пазарот на труд, но и да не се иселуваат од земјата. Во предлог буџетот за следната година се предвидени над 16 милиони евра за мерки за вработување.

Во земјава има околу 85 илјади невработени млади на возраст од 15 до 29 години, покажуваат податоците на Заводот за статистика за вториот квартал годинава. Тоа значи дека 40,1 процент од младите се невработени. За околу 130 илјади луѓе нема евиденција, односно не се ниту во образовен процес, ниту во евиденцијата на Агенција за вработување, ниту во работен однос.

Поголема пракса за учениците и студентите, квалитетно образование, следење на потребите на пазарот на труд, поддршка за младинско претпримеништво, се дел од мерките, кои според невладините организации, би помогнеле да се намали младинската невработеност.

„Учениците и студентите она што го учат во теорија понатаму да можат да го применат во пракса, само така ќе можат да најдат квалитетна работа и квалитетно да одговорат на работните обврски“, вели Александра Филипова од Младинскиот образовен форум, која работи на истражувања и анализи на младински образовни политики.

Но, пред да се направи тоа, потребни се податоци и истражувања каква е состојбата со младинската невработеност и какви се ефектите по спроведување на мерките, вели Филипова.

„Во моментов имаме голем број истражувања кои покажуваат дека има хиперпродукција на високо-образован кадар, додека на пазарот на труд се потребни малку поинакви професии и поинакви калибри на млади луѓе. Потребна е и сериозна поддршка за претпримеништво и иновации за младите лица сериозно да почнат сопствени бизниси, да се самовработат“, вели Филипова.

Повеќе пари за мерки за вработување

Треба да им се помогне на младите при преминот од училиште на работа, да им се понуди квалитетно вработување, стажирање и практикантство со кои тие поуспешно ќе се интегрираат на пазарот на труд, а голем проблем е и иселувањето на младите, заклучија неодамна и учесниците на првиот состанок на Координативното тело за подготовка и имплементација на Гаранцијата за млади. Ова тело ќе работи на владината цел младите да ја проектираат и градат својата иднина во Македонија. На состанокот, освен владини претставници, учествуваа и претставници на меѓународни организации за труд, невладини младински организации и експерти.

Во предлог буџетот за следната година се предвидени над 16 милиони евра за мерки за вработување.

„Ова е најголема сума досега издвоена од буџетот на Македонија за решавање на најгорливиот проблем во општеството - невработеноста“, рече министерот за финансии Драган Тевдовски.

Со дел од парите е предвидено државата да им дава плата на одредено време на млади кои завршиле образование и се подготвени да се обучуваат или трајно да се вработат во земјава.

Планирани се и две милијарди денари (околу 33 милиони евра) средства за поддршка на домашни и странски компании, со кои би се придонело за отворање нови работни места.

Освен од домашниот буџет, и Европската унија ќе даде пари за вработување, образование и социјална инклузија, пред сè за младите. Унијата во периодот 2007-2013 година за овие цели вложила 35, 7 милиони евра.

Една третина од невработените во светот се млади

Според податоците на Меѓународната организација на трудот, една третина, или 35 отсто од невработените во светот се млади. Стапката на младинска невработеност во светот во 2016 година била 13 проценти, додека оваа година се очекува благо зголемување на 13,1 отсто.

Во извештајот се наведува дека со инвестирањето во вработувањето на младите, ќе им се остварат не само нивните права, туку со обезбедување пристојна работа, исто така, ќе им се помогне и на националните економии. Натаму се додава дека треба да се искористи и новата технолошка ера која нуди и разновидни форми на работа, но дека се потребни и силни партнерства за решавање на предизвикот да се отворат повеќе и подобри работни места за младите.

„Потребни се економски политики, континуирана обука и преквалификација за релевантни вештини, промоција на младинското претприемништво и заштитата на правата на младите на работа“, стои во извештајот на Меѓународната организација на трудот.