Достапни линкови

Младинска децентрализација


Александра Филипова, Управен одбор на Национален младински совет на Македонија
Александра Филипова, Управен одбор на Национален младински совет на Македонија

Особено важно ќе е секој иден градоначалник да креира локална младинска стратегија која ќе соодветствува на потребите на младите во општината во која е избран. Имаме различности кај младите од општина до општина, а тргајќи од ова, секоја општина има и млади со различни потреби за кои треба да креираат соодветни и различни мерки, пишува во младинската колумна Александра Филипова од Национален младински совет на Македонија.

Вчера Македонија славеше 26 години независност. Во тие 26 години, беа промовирани безброј мерки за децентрализација, некои спроведувани со поголем а некои со помал интезитет, во некои делови спроведено подобро, а во некои полошо. Но, она што е константна непозната се релевантни податоци за млади, за кои ниту желбата за децентрализација не придонесе за да се креираат, приберат и обработат.

Во време нa предизборие, сведоци сме на секакви ветувања за младински политики и мерки кои би требало да ја подобрат положбата на младите. Но, за ваквите ветувања и мерки да бидат базирани на цифри, потребно е секоја општина, Државниот завод за статистика и Државната изборна комисија да водат детална статистика за млади. Во моментов нема податоци за тоа колку млади кандидати за градоначалници сме имале/имаме, колку социјално загрозени млади живеат на територија на една општина, колку невработени млади живеат во општината, односно ако на младите гледаме како на посебна социо-економска категорија, не можеме да утврдиме кои се нивните реални потреби освен ако не одиме од врата на врата или некоја невладина организација не спроведе репрезентативно истражување (институциите до сега покажаа дека не им е најважно да креираат политики базирани на докази).

Приоритет за секој избран градоначалник треба да биде обезбедувањето на овие податоци, како понатаму би можел да спроведува реални и потребни политики за млади наместо популистички мерки, онака како што налага Европската рамка за младински политики односно интегрирани политики кои нема една со друга да си противречат.
Во март 2016 година Националниот младински совет на Македонија (кој има 49 организации членки) достави 16 приоритетни барања од младите кон кандидатите за пратеници. 12 политички подмладоци со потпис се обврзаа да ги исполнат овие барања и да ги застапуваат внатре во своите партии. Едно од тие барање е поддршка на здружувањето на младите на локално ниво низ форми на младинско претставничко учество и соработка меѓу претставничките форми на здружување и единиците на локалната самоуправа. Во очи на локалните избори, потребно е да се потсетиме на она што е ветено и заеднички да најдеме механизам и начин тоа да се исполни.


Чекор напред кон исполнување на поддршката за младинско здружување и учество е формирање на транспарентни и отворени локални младински совети кои ќе бидат признаени од општините преку Статутот на општината. На тој начин гласот на младите дадена општина ќе може да се вклучат, да се кандидираат и да бидат избрани за да ги застапуваат потребите на младите на локално ниво.

За оние кои не сакаат да бидат претставници, ама сакаат да кажат кои се нивните потреби на овој начин ќе се обезбеди тело на кое тоа ќе може да му го претстават. Покрај тоа што се овозможува младинско учество и организирање на локално ниво ќе се придвижиме понапред кон ЕУ бидејќи европска пракса е младинското учество да се овозможува, гарантира и поддржува. Ваквиот механизам ќе им ја приближи општината и креирањето на политики на младите, ќе ги научи аргументирано застапување и изразување а можеби и ќе ги мотивира да бидат идните млади политичари – носители на промени кон подобро.


Особено важно ќе е секој иден градоначалник да креира локална младинска стратегија која ќе соодветствува на потребите на младите во општината во која е избран. Имаме различности кај младите од општина до општина, а тргајќи од ова, секоја општина има и млади со различни потреби за кои треба да креираат соодветни и различни мерки. Затоа, преку отворен, транспарентен и широк консултативен процес, водејќи се по примерот на општини кои веќе имаа вакви стратегии и се водеа по нив кога работеа проекти од областа на младите треба да се креираат нови стратегии. Бидејќи секоја стратегија има акциски план и буџет, вакво нешто претставува и делумна транспарентност на општината бидејќи било кој во било кое време ќе може да ги отвори овие документи и да провери што е спроведено, што не е спроведено и дали некоја активност чинела многу повеќе отколку што било предвидено. Еден ваков документ за стратегија за млади е изработен а ова е уште еден механизам како младите да се вклучат во работата на општината преку набљудување и мониторинг.


Покрај структурен дијалог и механизми за младинско вклучување, новите градоначалници мора да ги оспособат службите на општината за тие да прераснат во служби на граѓаните. Па затоа, поставување на општински просветни инспектори кои ќе се лица со интегритет, капацитет, работни вештини и етика ќе ја унапреди работата на Државен просветен инспекторат и ќе им обезбеди на младите лица и на родители заштита во образовниот процес. Овие општински просветни инспектори ги назначува градоначалникот, уредени се со Закон за просветна инспекција, а треба да ги има во секоја општина на територијата на Република Македонија.

Тие се надлежни да постапуваат по претставки на граѓани и да вршат инспекции за вонучилишни активности,услови за работа, формирање на училишни органи, во градинки, основни и средни училишта и високо образование. Ова е од особена важност бидејќи градинките и основните училишта во Скопје се под ингеренции на општините додека средните училишта се под ингеренции на град Скопје.
Свесни дека младите препознаваат висок степен на дискриминација во образованието, трпат булинг, има мито и корупција од особена важност ќе биде идните градоначалницида воспостават активна соработка со Народниот правобранител и со неговите локални канцеларии, да ја промовираат неговата работа и да ги информираат граѓаните особено младите за можностите за заштита кои ги нуди Народниот правобранител и општинските просветни инспекторати.

Вака би имале информирани и едуцирани млади кои би знаеле каде да се обратат кога некое право ќе им биде прекршено, а паралелно на тоа би можеле да се бориме и да спроведуваме кампањи и акивности за едукација на младите задикриминација, булинг во училиштата, говор на омраза.
Избраните градоначалници треба да сфатат дека младите не се пречка во нивната функција туку ресур кој треба да се негува, надградува и да се обезбедуваат реални младински политики креирани враз база на докази како во иднина би имало кој да остане во земјава за да ги гласа.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG