Достапни линкови

Шах - мат позиција


Рубинчо Аризанкоски, граѓански активист
Рубинчо Аризанкоски, граѓански активист

Македонија одлично организираше фудбалски натпревар од светско значење, но домашните проблеми останаа и по заминувањето на странските навивачи, пишува Рубинчо Аризанкоски од здружението Достоинствен Работник во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Ете, дојде и тој ден во Македонија да се организира и реализира Супер купот на УЕФА 2017, спортски меч со најплатените играчи и клубови - Реал Мадрид од Шпанија и Манчестер Јунајтед од Англија. И, нормално Роналдо се изначуди на влечките од ЧИК Куманово, оти мисли дека само кај него во Портигалија ги има, но не млад дечко, тие влечки се со квалитет и надалеку познати. Но, ајде и тоа замина, па се удри реклама на тетовскиот грав кој сега стана познат и до Токио, па така јапонците побарале да се увезува грав од Македонија. Но, и Мурињо ја разгледа Старата чаршија во Скопје, си купи по некој сувенир и тоа опинци од кожа, по мерка на старите мајстори.

Пред стадионот распослани штандови со храна и пијалоци, но со брендови и тоа препорачани од УЕФА со цена од 150 – 300 денари, небаре ние сме членка на ЕУ, но не, тоа биле цени за фановите на клубовите, а нормално дека и домашните фанови ќе каснат и ќе пивнат, но си платија по европски цени. Натпреварот почна, сите радосни, стадион полн со 30 илјади фанови на двата клуба, скандираат, свиркаат, аплаудираат и така фудбаларите си го изиграа своето спортско оро, а нашите народни играорци беа врв на целиот настан и името на нашата земја се слушна надалеку, што значи ќе имаме зголемен број на туристи во иднина, зашто сите слушнаа и видоа каде е Македонија, дека не е зафрлена африканска земја, туку е во срцето на Европа.

Но, да биде поинтересна ситуацијата, на терен истрча голо момче кое го бркаа редарите, а тој како зајак потрчнуваше на зелениот терен, а овие го гледаат и си фаќаат сеир, зашто знаат дека ќе го опкружат и ќе го отстранат од теренот, и така беше, но барем едно селфи да направеше со Рамос, Роналдо. Како да е, клипчето со неговото атлетско трчање ќе се врти на Јутуб.

Но, едно браво за сите институции кои овој спортски миг беше на високо ниво, како да беше шеикот на Абу Даби. Но, важно политичката „елита“ беше таму, и ги истрча своите 90 минути до моментот на доделување на пехарот. Честитки до Реал Мадрид и нека повелат на гости идната година, како туристи.

Но, проблемите си останаа, и одма после натпреварот, македонските политичари пак се фатија за гуша и почнаа со дофрлувања, запоседнување на собраниска говорница, локални избори, синдикални превирања, итн. Воедно, главна тема беа мигрантите и нивната мака и сага во чудесна Македонија. Опозицијата вели, дека власта ќе ги вдомувала мигрантите и ќе му давала државјанства и вработување, додека власта истакнува дека тоа е направени од претходната влада. Се потенцира дека според извадокот од записникот од 224-тата седница на Владата на Република Македонија, одржана на 29.03.2011 година, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја разгледала Информацијата за имплементација на стратегијата за интеграција на бегалци и странци и усвоила заклучок според кој се задолжува Министерството за транспорт и врски да предложи локации на државно земјиште кое може да се искористи за изградба на станбени единици. На седницата одржана на 25.05.2011 година, била разгледана информација за конкретни предлог локации за изградба на станови. Поранешниот министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Ристовски на 05.07.2012 се обратил до општина Сарај со барање за согласност за користење градежна парцела за изградба на станови за сместување бегалци и социјално загрозени лица, овозможено со средства од ИПА Фондот.

Синдикалната мака на работниците никако да заврши. Големи се синдикалните игри, исто како да играте партија шах без да го предадете кралот. Но, веќе апетитите во синдикално опкружување се зголемуваат, ама борбата за смена е тешка. Нормално е, работите да се менуваат како што кажуваат фактите и доказите, но самоволието во синдикатот прераснува во „синдикална мафија“. Многу гледање на американски филмови со водење на протести не завршуваат на добро. Во синдикатите влегуваат големи финансиски средства, каде контролата на државата е мала, а членството воопшто не е информирано. Синдикатите не ги објавуваат своите завршни финансиски сметки, каде увид ќе има секој. Транспарентноста е на многу ниско ниво меѓу членството. Синдикатите се финансираат од своите членови, но најмногу средства добиваат од сестринските синдикати или од меѓународните синдикални организации каде што членуваат. Во Македонија синдикатите се прикажани како партиски, фамилијарни и бизнис врски, само не на работниците. Во Македонија мора и треба да се организираат и реализираат социјални избори. Овие избори ќе го истакне вистинскиот синдикат на кој гласот на работниците ќе се слуша и почитува. Во мои претходни колумни сум пишувал за работата на синдикатот и правата на работниците, но мора да се потенцира дека работникот е светлата точка во синдикалното организирање и движење. Моментот на повикување од страна на ССМ на министерката за труд и социјална политика е неоснована, затоа што самиот претседател на ССМ веќе му истекол мандатот и со тоа му завршила неговата функција, а со тоа се потврдува и со Одлука од Врховниот суд на Македонија. Но, дали ќе има момент на примопредавање на функцијата Претседател на ССМ останува само да видиме во наредниот период.

Дојде моментот кога во едно пеколно жешко време претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери ги распиша локалните избори и ја официјализира трката за градоначалници и советници. Партиите со своја позната реторика дека сите ќе бидат победници, но само еден градоначалник ќе седне на чело на општината кој/а ќе ја раководи во четиригодишен мандат во интерес на граѓаните во локалната заедница. Партиите мора да го запазат родовиот концепт, при кандидирањето на жени градоначалнички во општините. Но, сега морам да потенцирам дека општина Прилеп на ден 31.07.2017, со Одлука на Советот, општината се задолжи со заем од Светска банка во висина од 122.987.922,00 денари со рок на отплата до 18.08.2030 година. Дали прилепчани знаат за оваа Одлука која е донесена од страна Советот?! Дали, Градоначалникот Марјан Ристески во заминување ќе излези пред прилепчани и јавно ќе кажи за што се задолжува општината со толкава сума на пари? Локалните избори веќе се пред нас, и тие ќе се одржат на ден 15.10.2017 година каде граѓаните на Македонија достоинствено и на симболичен начин ќе го дадат својот глас на кандидатите за градоначалник кој/а ќе гледа за унапредувањето на својата општина и за благосостојбата на своите сограѓани за достоинствен живот и економски развој.

Но, времето ќе покаже со кој курс се движиме и на што целиме за доброто на сите граѓани, затоа што, не е беден оној кој има малку, туку оној кој има потреба од многу.

На крај сакам да им го честитам Меѓународниот ден на младите – 12 август на сите млади и младински работници кои се будни да го променат светот и општеството во целина.

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG