Со фотографии до повисока јавна свест за чиста средина

Илустрација.

Гостиварски гимназијалци сакаат да ја подигнат еколошката свест во градот, па фотографираат разни видови загадување и ги објавуваат на социјалните мрежи. Тие им укажуваат на граѓаните дека секој заслужува здрава животна средина.

Гостиварски средношколци наместо да чекаат повозрасните да создадат подобра животна средина, самите започнуваат борба за унапредување на еколошката свест, а со тоа и поквалитетен живот во градот. За еко клубот на гимназијалците, кој функционира под името „Светот што чека да се роди“ во градот веќе сите зборуваат и почнуваат да им даваат поддршка. Тие ги фотографираат сите видови загадување, фрлен отпад, создадени диви депонии, кои потоа како лоши еко примери се поставени на специјални страници на социјалните мрежи.

Трите гимназијалки, кои се дел од клубот, Ана Андреевска, Марија Србиноска, Матеа Попоска, велат дека целта им е да испратат порака дека секој поединец, а особено младите заслужуваат да дишат чист воздух и да имаат убава средена околина.

„Сакаме да ги предупредиме граѓаните дека ќе фотографираме негативни примери, ќе ги објавуваме на нашата Фејсбук група „Фрли ѓубре, ќе ти никне депонија“, за граѓаните да се засрамат за својата некултура за непочитување на уставнаото право да живееме во чиста животна средина“, вели Ана Андреевска.

„Бараме од граѓаните да размислат за своите постапки, да не фрлаат ѓубре насекаде, да го изградат своето чувство на одговорности свест за својата улога во одржување на чистата животна средина“, изјави Марија Србиноска.

„Фрлањето ѓубре по улица, од балкон или во реката Вардар е прекршок кој е казнив со закон“, рече Матеа Попоска.

Валентина Штрејоска е нивен професор и ментор, која вели дека има голем интерес за членство во клубот. До сега има реализирано и повеќе активности од едукативен карактер.

„Нашите активности ќе бидат во правец да се изгради чувството на одговорноста на сите нивоа на еколошката свест. Како професор и како граѓанин на Гостивар сум задоволна што моите ученици, сакаат да бидат општествено корисни и доброволно сакаат да се заложуваат за една голема вредност како што е чистата животна средина. Искрено се надевам дека барем малку ќе придонесеме да се подигне нашата еколошка свест“, рече Валентина Штерјоска.

Младите екологисти освен негативните еколошки појави на својата фејсбук страница ги објавуваат и позитивните примери. Ја објавија приказната на професорката во пензија Јованка Јовановиќ која со децении сама ја одржува зелената површина пред зградата во која живее, а истата е пример за вистинска цветна градина.

„Време, секогаш на сите ни треба за некаде. Меѓутоа кога е во прашање мојата градина, јас секогаш наоѓам време. Ако од прозорец погледнам, јас живеам на вториот спрат, погледнувам доле и видам дека нешто не е во ред. Оставам дома работата и се симнувам во градината. И кога чистам се релаксирам, се одморам“, објаснува професорката Јованка Јовановиќ.