Политичка кавга за наградата „4 Ноември“

Совет на Општина Битола доделува награда „4-ти Ноември“.

Претходниот битолски општински совет се расправаше кој да ја добие највисоката награда во градот „4-ти Ноември“, а сегашниот совет за тоа кој од Општината ги доделувал наградите.

Политичка кавга за највисокото општинско признание на град Битола, наградата „4-ти Ноември“. Претходната локална власт на два дена пред изборите ги избра добитниците и покрај реакциите на тогашната опозицијаод СДСМ да не се брза. Сега ВМРО-ДПМНЕ како опозиција реагира што на доделувањето, наградите биле врачени од протоколот на општината, а не од претседателот на Советот на новата локална власт предводена од СДСМ.

Менде Илиевски од СДСМ, член во претходниот и сегашниот Совет, изјави дека од претходното мнозинство побарале за наградите да одлучува новиот Совет по избори зашто претходно имало пракса да се доделува наградите по партиски клуч.

„Генералниот став на СДСМ и коалицијата во тие моменти беше доделувањето годинава на Четвртоноемвриската награда да почека и новиот состав на Советот кој беше извесно дека ќе биде избран за скоро и новоформираната Комисија да го избере годинешниот добитник. ВМРО-ДПМНЕ избрза со гласањето за доделувањето на наградата од нивни разбирливи причини, исто како што го правеа претходните години, бидејќи доделуваа награди по нивна мерка, а не по мерка на граѓаните“, вели Илиевски.

Совет на Општина Битола.

Новата локална власт предводена од СДСМ ја одржа манифестацијата и ги додели наградите што со мнозинство гласови ги избраа нивните претходници. Наградите ги врачи шефот по протокол во Општината, Ѓуро Илиќ. Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа зошто добитниците не биле испочитувани наградата да им ја додели претседателот на Советот.

„Изминатите денови оправдано се прашуваме кој е гревот на добитниците на највисокото општинско признание што не беа испочитувани од страна на градоначалничката и претседателот на Советот каква што е праксата од почетокот на доделувањето на оваа награда до сега“, праша Олга Лозановска, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Советот на Општина Битола, Валентин Груевски, вели дека причината што тој не ги доделил наградите е од формален карактер.

„Според статутот, претседателот на Управниот одбор треба да ги додели наградите. На претходниот управен одбор што одржа седница на 13 октомври и одлучи да им ги додели наградите на овие личности, им истече мандатот. Во новиот состав ние немаме Управен одбор, токму заради тоа немаше во кое својство да ги доделам наградите. Требаше да излезам само за сликање, што според мене не беше во ред“, вели Груевски.

Наградата за животно дело годинава му беше доделена на професорот во пензија, Трајко Огненовски, лингвист, фолклорист и етнолог, автор на повеќе книги. Државата во 2013 година додека на власт беше ВМРО-ДПМНЕ преку процесот на лустрација го прогласи за кодош, а откако Управниот суд го поништи решението на Комисијата за лустрација, поранешната локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ пред заминување, одлучи да му ја додели највисоката општинска награда за животно дело „4 Ноември“.

На свеченоста градоначалничката Наташа Петровска од говорницата им честита на добиниците.

„Битола е градот во чии прегратки растеа многу уметници, академици, научници, доктори, професори. Многумина биле наградувани. Многумина ги скршиле временските рамки со своите дела. Во оваа прилика им честитам на сите добитници кои чисто, искрено, безрезервно и недвосмислено, својата енергија и умешност ги вложиле за доброто на Битола“, рече Петровска.