Илиев - Политиката да ги тргне рацете од судството

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Илиев - Политиката да ги тргне рацете од судството

Кај нас 26 години најголем проблем е политичкото влијание, односно политичката зависност на судството од извршната власт. Потребни се реформи, кои нема да бидат лесни, луѓе и одлучност,да почне да се става крај на тоа, вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Илиев, како ја оценувате стратегијата на Владата за реформи во судството?

По она што имам сознанија од средствата за информирање и некои прес-конференции на луѓе кои се членови на Комисијата за реформи и изјавите на министерот за правда, во некои сегменти, кои беа и оценка во Брисел, испаѓа дека реформата била непотребна, во некои сегменти е начнато површински што треба да се реформира, но суштински немам конкретни сознанија што ќе носи тоа. Го слушав излагањето на госпоѓа Данева од правниот факултет и да ви кажам право не бев со состојба да сфатам што намера имаат да реформираат, кои се правците на реформата итн., така што дефинитивно оценка на таа стратегија не можам да дадам, освен за некои делови кои сметам дека се начнати, а немаат правци кон остварување.

Кои се според вас клучните сегменти во кои е неоходно да се работи за да се врати владеењето на правото?

Тоа е поширока област. Мора да се тргне од детектирачките фактори кои го загрозуваат владеењето на правото, односно кои го доведоа судството на ова дереџе, а тоа се они кои најмногу треба да се грижат за независноста, а тоа е Судскиот совет. Овој Судски совет, како таков покажа од првиот момент, јас имав изјава уште од првиот состав, дека тоа е монструм, дека не води сметка за она за што е основан. Иако имав укажување до тогашните власти дека се брза со тоа, дека не е така едноставно да се воведе таков систем, не се послуша, се воведе и од самиот почеток позицијата на политичко влијание во изборот на судиите и нивниот статус се наметна со присуство на министер, со присуство на кадри кои не беа за во Судскиот совет, со проблематични избори на кадрите од тогашниот, првиот, Судски совет. Со неговото конституирање во недоволен број, немаше доволен број на избрани членови итн., сето тоа се провлекува до денешната состојба, со тој Судски совет во кој луѓето не знаат што работат таму, не знаат зошто се таму, освен да спроведуваат некои политички влијанија, односно избори кои не соодвествуваат на потребата на судството.

Опозицијата обвинува дека новата власт ги зема под закрила обвинителството, полицијата, судовите и врши селективна правда. Од прислушуваните разговори слушнавме за познатото тефтерче и распоредувањето на судии според потребите на претходната власт. Како може да гарантира дека новата власт нема да има слично тефтерче?

За да се избегне констатација една заробена држава, да не се замени со друга, потребни се токму овие реформи и таа работа треба да се сфати дека судската власт е една од најбитните, без нејзе овие другите две власти, законодавната и извршната, ја носат оваа состојба, состојба во која речи си и на немаме судска власт, бидејќи не можеме да се ослониме на судови кои се безбедни, прифатени, да ги штитат нашите права, секогаш се соочуваме со проблеми. Затоа е потребно да се воведат други мерки, да се блокира влијанието на извршната власт, извршната власт ќе остане во Јавното обвинителство. Тука се потребни нов закон за Јавно обвинителство, нов закон за кривична постапка. Овој Закон за кривична постапка е донесен специјално за да се случи ова, тој закон се измени, луѓето кои го изменија се на високи, дури и судии на меѓународни судови, без никаква анализа. Зар 600 судии кои работеа по стариот закон не можеа да се справат со кривична постапка, сега според новиот закон 150 обвинители можеле, а немаат ниту простор, ниту услови, ниту финансии, ништо, а се влезе во примена на новиот закон. Просто кажано еден од најважните закони за реформирање е водењето на кривичната постапка, состојбата е таа, вие ќе чекате одговор, се води предистражна постапка и чекајте ја до никогаш, никогаш нема да дознаете како се водела, кој, како...Потоа тука реформа мора да следи и во делот на Министерство за внатрешни работи, посебно во делот на Управата за безбедност и контраразузнавање, тој дел мора да се одвои. Тоа од секогаш, 70-80 години не е пипнат, тоа е држава во држава и тоа не една, туку десет држави во држава, така што за да можат да се остварат комплетните права на граѓаните, ништо не може да се направи, без да се направат промени во овој орган. Затоа реформите се тешки, но мора да се има и луѓе и одлучност во носењето на актите кои се потребни за да се барем правно заоблични еден систем кој ќе спречи, кај нас е 26 години најголем проблем е политичкото влијание, односно политичката зависност на судството од извршната власт.

Целото интервју со Дане Илиев може да го погледнете на видео снимката на почетокот на овој текст.