Узбекистански имигрант во центарот на истрагата за нападот во Њујорк

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

По нападот во Њујорк, Трамп нареди екстремна проверка на имигранти

Американскиот претседател Доналд Трамп нареди дополнителни екстремни проверки на имигранти откако полицијата уапси државјанин на Узбекистан под сомневање дека во терористички напад синоќа убил осум луѓе во Њујорк. Тоа е прв таков напад во овој град од терористичките напади на 11 септември 2001 година, како и прв напад во САД изведен со возило како во Европа.

Во твитер пораката за најновата наредба, Трамп порачува: „Да се биде политички коректен е убаво, но не и за ова“. Претходно тој објави дека нападот бил извршен од „многу болна и пореметена личност“.

Полицијата соопшти дека осомничениот кој бил застрелан, а потоа и уапсен на местото на настанот, со пикап камион удирал во пешаци и велосипедисти во близина на Светскиот трговски центар.

Полицискиот комесар Џејмс О'Нил изјави:

„По судирот, возачот на тој камион, 29-годишен маж, излегол од возилото со два пиштола, а еден униформиран полицаец од првата единица се соочил со субјектот и го застрелал во стомакот. Тој бил ранет и транспортиран во локалната болница. На местото на настанот беа пронајдени „пеинтбол“ пиштол и пиштол на топчиња“, рече тој.

О'Нил додаде дека две деца и двајца возрасни биле повредени кога осомничениот кој управувал изнајмен камион удрил во школски автобус.

Шест лица загинаа на местото на настанот, додека две други починале од повредите во блиската болница.

Станува збор за 29-годишниот Узбек Сајфуло Хабибулаевич Саипов, кој, според медиумите, влегол во САД во 2010 година.

Сведоци изјавија дека при нападот тој извикувал „Алаху Акбар“, односно „Господ е голем“.

Градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио изјави:

„Ова беше чин на терор, особено кукавички чин на терор насочен кон невини цивили, насочен кон луѓе кои го живеат нивниот живот и кои немаа поим што ќе ги погоди“, рече тој.

И додека властите велат дека Саипов е единствениот осомничен за нападот, медиумите јавуваат дека истражителите нашле пишана порака на Саипов во пикапот во која наведува дека нападот го извршил во име на екстремистичката група Исламска држава.

Узбекот Мирахмат Муминов кој живее во САД за Радио Слободна Европа изјави дека го познавал Саипов. Бил роден во Ташкент, имал жена и две деца и работел во САД како шофер.

Нападот во Њујорк потсети на неколку слични извршени во Европа.