Достапни линкови

Мотивот на напаѓачот во Лас Вегас останува мистерија


Се уште не е познат мотивот за нападот во Лас Вегас
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:26 0:00

Се уште не е познат мотивот за нападот во Лас Вегас

Мотивот на вооружениот напаѓач во Лас Вегас и натаму е неразјаснет. Во меѓувреме полицијата соопшти дека бројот на убиените на фестивалот на кантри музика се зголеми на 59, а бројот на ранетите е околу 520.

Полицијата соопшти дека во домот и автомобилот на шеесет и четири годишниот Стивен Падок кој отвори оган од автоматска пушка од 32 кат на хотелот „Менделеј беј“ врз посетителите на фестивалот биле најдени десетици парчиња оружје и муниција.

Само во собата од која неколку минути пукал, а потоа и се самоубил полицајците нашле 17 пушки.

Шерифот на округот, Џозеф Ломбардо, изјави дека полицијата и натаму го истражува неговиот дом во Невада на околу 130 километри од Лас Вегас и оти во неговиот автомобил било откриено извесно количество на амониум нитрат кој се користи за правење експлозив.

„Постојат две работи што ние се обидуваме да ги постигнеме: една е да ја завршиме истрагата на местото на настанот. Имаме три одделни места на кои работиме - всушност, ќе бидат четири во овој момент“, рече тој.

Овој напад полицијата го оцени за најголемо масовно убиство во поновата историја на Соединетите Држави.

Американскиот претседател Доналд Трамп го нарече за „акт на чисто зло“ и најави дека на 4 октомври ќе го посети Лас Вегас.

Екстремистичката група Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот, наведувајќи дека Падок пред неколку месеци конвертирал во муслиманска вера.

Но, нема докази за такво нешто. ФБИ соопшти дека напаѓачот немал врски со меѓународни терористички групи.

Шерифот Ломбардо, запрашан за можниот мотив за пукањето, изјави дека „засега не може да влезе во умот на психопат“.

Братот на напаѓачот Ерик Падок изјави дека Стивен бил мултимилионер и коцкар.

„Фактот дека имал такво оружје, каде, по ѓаволите, добил автоматско оружје. Тој нема војничко минато или слично“, вели тој.

Во меѓувреме, во американскиот Конгрес повторно се разгоре дебата во врска со федерлните рестрикции во купувањето на оружје какво што било користено во Лас Вегас.

Демократскиот сенатор Дик Дурбин од Илиноис изјави:

„Не можеме да дозволиме ова да стане нова американска нормалност. Не можеме само да ги спуштаме рамењата кога ќе видиме дека над 30 илјади Американци се застрелани и убиени година по година, по година“, рече тој.

Инцијативата на демократите за контрола на оружјето веднаш беше отфрлена од Белата куќа како преуранета.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG