Громогласниот молк на галериите и изложбените простори

Архивска фотографија - уметниците Пандора Апостолоска - Саздовска и Сашо Саздовски.

Чест на исклучоците, но речиси на отварањата на сите изложби на ликовните уметници во земјава главно се собираат пријателите и роднините. И по некој колега или историчар на уметноста. И толку. Потем, во наредните денови додека трае поставката со галеријата главно господари громогласна тишина. Бројот на посетителите е незначителен и со тоа изложбено-уметничкиот лавиринт е бетониран. Има ли некако излез од него?

Една иста приказна се повторува со години наназад. Ако ги тргнеме настрана уметниците кои со своето творештво и поинаквиот приод во јавноста знаат да испровоцираат медиумско внимание, речиси редовно на отварањата на сите изложби на ликовните творци во земјава главно се собираат пријателите и роднините. И по некој колега или историчар на уметноста. И толку. Потем, во наредните денови додека трае поставката со галеријата главно господари громогласна тишина. Тешка. Неподнослива.

Тоа и не мора да значи дека понудата не го завредува поширокото внимание, туку едноставно сè се сведува на лажните насмевки и честопати неискрени тапкања по рамо за стореното со толку многу труд и имагинација во еден подолг временски период. Дури ако притоа изостанат и стручните оценки, а што безмалку стана и начин на поведение во срединава полна со лицемерие и изместени вредности, излегува дека и нема крај на играта криенка-миженка.

Од таму, сосема разбирливо е Пандора Апостолоска Саздовска, која во светот ја ценат многу повеќе отколку ние овде дома во Македонија, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, најнапред ќе рече дека повеќето од историчарите на уметност што таа ги познава од разно-разни причини (.... ниту се добро платени за трудот, ниту имаат каде да пишуваат оти повеќето од традиционалните медиуми згаснаа...) престанаа да пишуваат рецензии и осврти на изложбите и дека така „само дотураат масло на огнот на индиферентноста кон ваквите случувања“. Таа смета дека посетеноста на ликовните настани е исклучително важно прашање кое најмногу зависи од квалитетот на понудата, но и од други значајни нешта.

„Сметам дека првенствено треба да се работи на квалитетот на изложбата, а втората работа е фактот дека ликовните поставки во музеите и другите изложбени простори треба да се посетуваат од многу мала возраст. Педагозите треба да го прават тоа дури и со децата од претшколска возраст, да не се чекаат средношколските денови. Учениците треба да имаат дел од програмата во кој ќе биде предвидено редовно да ги посетуваат овие институции и посебно Музејот за современа уметност“, вели Апостолоска-Саздовска.

Таа дополнува дека посетите и не се доволни, туку на младите треба да им се зададе тема, да цртаат во просторот, да разговараат со уметникот и така авторот на нив да им ги доближи поблиску неговите дела, да го почувствуваат неговото творештво.

„Ние имаме премногу стерилна средина тука. Немаме ниту катче во галериите кадешто помладите би можеле нешто да работат, а мислам дека и од тој аспект треба да се гледа. Генерално кај нас во Македонија нема ниту култура на посетување на музеи, на концерти...Некако сме преоптоварени со политика“, вели Апостоловска-Саздовска.

Сергеј Андреевски, пак, истакнува дека самиот како сликар отсекогаш им посветувал големо внимание на своите изложби и дека токму поради тоа своевремено започнал да ги прави сликарските перформанси кои подоцна ги прифатиле и некои негови колеги.

„При правење на нешто што е надвор од класичната презентација на една изложба, многу е важно да се направи нешто повеќе...на интернет, социјалните мрежи, па и телевизијата која полека го губи приматот...за да се заинтригира публиката. Поубаво е така. Вие треба да ги натерате луѓето да им заиграат сетилата, буквално да ги испровоцирате за настанот и тие да дојдат да го видат. Секако притоа најважното, примарното нешто е да се има квалитет. Ако не сте квалитетен автор публиката нема да реагира“, истакнува Андреевски.

Сликарката и педагог Касиопеја Наумовска се залага галериите и изложбените простори да се изборат за својот идентитет и јасно да ги обелоденат визиите што ги имаат. Која е нивната мисија и какви се крајните стратешки цели. Исто така каква национална и културна, па дури и бизнис политика би водела една галерија. Таа истакнува дека, за жал, нашите институции не планираат долгорочно, а и тоа што е краткорочно, како што потенцира, „нема флексибилност“ во случај на некои непредвидени настани. Додава дека непрофитните галерии кај нас освен основните услуги и презентации нудат многу малку услуги.

„Во светот дури и најмалите музеи денес имаат штанд за продажба на книги заедно со придружни материјали, кратки изложби, разгледници и материјали посветени на експонатите. Во поголемите музеи тоа се често продавници, ресторан-продавница или поретко библиотека. Целта е да се направи еден додаток како понуда на основните услуги на галериите, музеите, изложбите и самите нивни активности“, посочува Наумовска.