Првично претставен на крајот на јули минатата година на изложбата во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, проектот „Цртеж“ („Во црно на бела позадина со рака нацртана слика“) на Ангел Миов, на самиот крај на летово се најде и пред берлинската ликовна публика. Во периодот од 25 август до 6 септември е изложен во Галеријата на Прима Центар.
Станува збор за зафат кој нуди повеќе отворени толкувања на самиот наслов, кој првично е изведен од дефиницијата за цртеж на веб страната на Дигиталниот речник на македонскиот јазик, и за постановка која е продолжение на претходните две негови ликовни пројави „Повлечи ги конците…“ и „Исечи ги конците…“, но овој пат „двозначноста (или повеќезначноста) се сугерирани во насловот на секое дело и алудираат на игра од зборови и поими кои го дообјаснуваат или го комплицираат контекстот“. За цртежот како „чин“, „перцепција“, „вештина“ или само „збор“.
А, за приемот на ова мултимедијално дело составено од видео, објекти-цртежи и фотографии кај тамошната публика Миов знае да каже дека ги надминал сите негови очекувања.
„Оваа изложба е продолжение на претходните мои дела. Еден сублимат кадешто главен акцент е ставен на едно видео кое го опишува процесот на создавање на делата кои се изложени овде во Берлин. Инаку, јас навистина бев изненаден од присуството на многубројната публика што е реткост кога некој од Македонија изложува во голем град како Берлин. Посебно интересна за мене беше реакцијата на младата публика која воспостави комуникација со моето творештво и понуди некои идеи за заеднички идни проекти“, вели уметникот.
Тој, говорејќи за сопственото творештво, истакнува дека тоа е процес на кој работи подолго време, дека на секоја изложба додава по една нова содржина и дека со тоа ја надградува претходната, веќе видената. Дека му преостанува уште една фаза за да го заврши проектот, но оти никогаш и не се знае по кој пат ќе го одбере да продолжи натаму.
„Кога се работи за творештво може во еден момент да се прекине еден циклус, па да се почне нов...да се наврати на некој стар, така да ...тоа е тоа. Тоа се моите интереси. Ги истражувам медиумите, начините на создавање на нова форма на творење и т.н. “, потенцира Миов.
А, кога сме веќе кај Проект галеријата - Прима Центар Берлин, интересно е што деновиве оваа културна институцијата започна да ја промовира Програмата за 2018 година со која што ќе се јави на Конкурсот за финансиска подршка на Министерството за култура на Република Македонија. Со неа се предлагаат 10 млади автори и исто толку изложби во германската културна метропола.
Од друга страна, за македонските уметници особено е значаен новиот проект на Прима Центар – Резиденцијален престој во Берлин. Станува збор за можност за престој и творење на еден уметник во просториите на Проект галеријата најмногу до седум недели и одржување на изложба на крајот од целиот процес. За реализација на оваа новина се предвидени два термина, еден од 15 јули до 15 септември и вториот од 15 декември 2018 до 15 февруари 2019 година. За време на првиот престој резиденцијалниот уметник ќе може да ги проследи големите интернационални уметнички саеми во Берлин како и Неделата на отворените берлински галерии, а оној другиот, пак, фестивалите Транмедиале за уметност, култура и технологија и филмскиот фестивал „Берлинале“.
Прима Центар Берлин планира на овој конкурс да пријави четворица одбрани уметници (предност имаат оние кои веќе излагале во Галеријата), а од Министерството за култура очекува да одбере двајца на кои би им биле покриени трошоците за престој во собата за гости на ПЦБ, патните издатоци и реализацијата на изложбата во рамките на програмата на Уметничката асоцијација Колони Вединг – Берлин.
„Уметниците кои веќе се претставиле во Прима Центар Берлин во изминативе десеттина години имаат приоритет на овој јавен повик затоа што тие веќе се информирани за работата на Прима Центар и за самата сцена. Тие се веќе во контакт со многу колеги, со многу овдешни галеристи и тоа за нив ќе значи продолжување на релациите, односно откривање на нови можности, нови алтернативи не само за презентација туку и за долгорочна соработка“, појаснува Јован Балов, уметник и раководител на Прима Центар.