Исламофобијата кај младите, на скала од еден до пет, е 2,75, покажа истражувањето финансирано од Еразмус програмата на Европската унија. Младите од земјите од Западен Балкан се нешто помалку исламофобични отколку нивните врсници во Европа, но загрижува што тие покажуваат негативен став кон имигрантите, иако повеќето од нив никогаш немале контакт со имигрант. Резултатите од истражувањето, кои беа презентирани денеска, покажуваат дека главна причина за негативните ставови кои младите ги имаат кон мигрантите е негативната перцепција на исламската религија, изјави Влора Речица од Институтот за демократија.
„Просечното познавање на исламската религија е многу ниско и на скала од еден до пет изнесува 2,2. Повеќето од младите во Европа и од Западен Балкан имаат минимално знаење за религијата и тоа доведува до повеќе стигма и предрасуди кон имигрантите“, вели Влора Речица.
Истражувањето за перцепцијата и ставовите на младите луѓе за мигрантите, стигматизацијата, исламофобијата и радикализмот е спроведено во четири држави од Западен Балкан меѓу кои и Македонија и четири земји членки на ЕУ, кои одговориле на онлајн анкета.
Нивото на исламофобија кај младите од Западен Балкан изнесува 2,5 додека кај младите луѓе од европските земји е 2,9.
Според истражувањето, силата на националниот идентитет, а не степенот на религиозност игра поголема улога при ксенофобијата.
Инаку истражувањето покажа и дека младите од Западен Балкан покажуваат најголема загриженост поради организираниот криминал, додека младите од земјите членки на ЕУ сметаат дека најголема безбедносна закана е имиграцијата.
Кога се во прашање ставовите на младите од Македонија кон мигрантите, од Хелсиншкиот комитет велат дека има појава на говор на омраза и дела од омраза насочени кон бегалците. Елена Брмбеска посочува дека конкретни примери на говор на омраза се забележани во текот на јавната дебата околу одлуките да се одржат референдуми за прашањето за населување мигранти кои во изминатиот период ги донесоа советите на неколку општини.
„Регистрирани беа огромен број случаи на говор на омраза во јавниот простор, како на социјалните мрежи, така и од страна на носители на јавни функции или политичари коишто се залагаат против наводно населување на мигранти во Македонија, но беа забележани и голем дел коментари со говор на омраза на социјалните мрежи, особено од млади луѓе“, вели Брмбеска
Во Македонија, која е дел од балканската рута, во 2015 година влегоа околу 2.000 мигрaнти.
Оваа година бројката на мигранти е драстично намалена и не е забележана зголемена фреквенција по балканската рута. Моменталниот биланс на бегалци во земјава е околу 40 лица од кои дел се наоѓаат во прифатните центри во Гевгелија и Табановце или пак се баратели на азил.