Како навистина да се стави крај на локалните шерифи?

Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, говори на митинг на партијата за Локални избори 2017.

Од СДСМ соопштуваат дека досега нема пријавено злоупотреби на локално ниво во име на власта и не очекуваат такво нешто во иднина. Експерите предупредуваат дека постои таква опасност кога некој има апсолутната власт.

СДСМ нема да дозволи злоупотреба на власта на локално ниво, тврдат од партијата по обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека хаосот и незаконието во земјата продолжуваат и по изборите. Според СДСМ, како што ни рекоа од владеачката партија, досега нема пријави за злоупотреби на локално ниво во име на власта, а такво нешто не очекуваат.

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека нападот врз претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски од страна на лица блиски до СДСМ било обид за политичко замолчување, кое не смее да остане неказнето. Според владејачката СДСМ, се работи за изолиран инцидент и досега во партијата нема пријавено некакви поплаки и не очекуваат такво нешто во иднина.

„Пораките се силни и од претседателот на СДСМ и од сите, и јасно е и недвосмислено дека нема да се толерираат такви појави“, велат од партијата.

Од СДСМ се повикуваат и на изјавата на премиерот Зоран Заев дадена по гласањето на локалните избори на 15 октомври за време на прославата пред Владата.

„Сакам да им порачам на новите избрани градоначалници и на советниците од нашата коалиција, ерата на локални шерифи заврши. Обврската сега ни е уште поголема. Во Македонија има Живот за сите!“, рече Заев.

Политичкиот аналитичар Џелал Незири вели дека постои опасност секогаш кога се има апсолутна власт да има и корупција. Сега кога СДСМ, според него, убедливо победи на локално ниво ќе ги има сите институции под контрола, што не е добро за демократијата во земјата.

„Значи сè ќе зависи најпрвин од лидерот на партијата Зоран Заев, како ќе се постави кон неговите функционери, централното раководство и намерата да не се повтори грешката од минатата власт за партиските структури да бидат над законите и над државниот систем“, порачува Незири.

Според него, законите треба да функционираат подеднакво и да се оддели партијата од државата, односно да се гарантира дека апсолутната власт нема да ги „опијани“ партиските функционери за истата да ја злоупотребуваат или да ја користат за притисоци и закани.

„Тогаш мислам дека ќе имаме гаранција тие што ќе се осмелат да ги прекршат закони над државата без разлика дали се од СДСМ или некоја друга партија да одговараат пред надлежните институции. Ако се креира таа паралелна структура и паралелен партиски систем кој ќе се постави над државниот, тогаш ќе имаме еден дежа ви момент од тоа што веќе го видовме во последните години кадешто законите важеа само за обичните граѓани, додека партиските функционери на ВМРО-ДПМНЕ беа недопирливи за законот и институциите“, смета Незири.

Незири додава дека ќе се види во иднина дали власта има искрена намера да ги спроведе најавените реформи.