Убедливата победа на СДСМ на локалните избори и освојувањето на повеќето општини изненади многумина, веројатно и во самата партија, оценуваат упатените.
Според Марко Трошановски од Институтот за демократија, за ваквиот пресврт на моќта на локално ниво има две причини.
„За време на парламентарните избори луѓето калкулираа со својот глас плашејќи се од реваншизам и некаква санкција од тогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ и втората причина е, тоа го покажуваат и нашите истражувања во институтот, опортуноста на гласачите, не само во Македонија и во другите балкански земји, односно приклонување кон победникот“, вели Трошановски.
Политичкиот аналитичар Алајдин Демири, пак, смета дека пораката од изборите е јасна, а таа е нови парламентарни избори на пролет.
„Не треба да се заборави дека реален победник на ланските парламентарни избори е ВМРО-ДПМНЕ, а владеењето на СДСМ е на стаклени нозе и треба да се воспостави на реална основа и треба да се потврди овој резултат“, вели Демири.
Според Трошановски, покрај можноста за предвремени парламентарни избори, ваквиот исход повлекува и други работи како неопходност од промена и реформи во лидерството на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова е и огромна одговорност за СДСМ на која брзо ѝ се случи да има небаре апсолутна власт, додава Трошановски, потсетувајќи дека претходно во ваква позиција беше ВМРО-ДПМНЕ.
„Ќе потсетам на Прибе и опасноста постојната заробена држава да се замени со нова заробена држава. Ова е нешто што сега е исклучително валидна грижа“, вели Трошановски.
Во говорот на прославата на СДСМ пред владата по полноќ, претседателот на партијата и премиер Зоран Заев рече дека ерата на локални шерифи завршила, дека нема повеќе изговори и дека треба да се работи за сите граѓани.