Достапни линкови

СДСМ слави победа на локалните избори


СДСМ ја прослави изборната победа
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:36 0:00

СДСМ ја прослави изборната победа

СДСМ заедно со коалиционите партнери победи во повеќе од 40 општини во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ оцени дека процесот бил недемократски, а Груевски вели дека има највисока одговорност за изборните резултати.

СДСМ заедно со коалиционите партнери победи во повеќе од 40 општини во Македонија, велат од СДСМ. Од партијата велат дека со оваа победа се заокружени промените во Македонија. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека гласањето поминало во недемократска атмосфера. За тоа кои се причините што не добиле добри резултати на изборите ќе има анализа, а следни чекори лидерот на партијата најави за по изборите.

Членовите и симпатизери на СДСМ вечерва славеа пред владата.

„Ерата на локални шерифи заврши, обврската ни е поголема, во Македонија ќе има живот за сите“, рече претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев, во обраќањето пред Владата, по одржувањето на локалните избори.

Тој вели дека од скопските општини, СДСМ и коалицијата победиле уште во првиот круг во Ѓорче Петров, во Карпош, во Центар, во Аеродром, Шуто Оризари, а дека чекаат дали ќе победат во Бутел, Гази Баба и Кисела Вода.

Партијата победија уште во уште најмалку 30 други општини. Од досега преброените гласови водат и во Град Скопје.

Државната изборна комисија претходно оцени дека локални избори биле демократски, фер и без инциденти. Од ДИК велат дека партиите го испочитувале кодексот за фер и демократски избори, а Комисијата успеала институционално да ги надмине сите проблеми.

Според првичните резултати што вечерва на прес-конференција ги соопшти Државната изборна комисија, кандидатите за градоначалници на СДСМ водат во 49 општини, на ВМРО-ДПМНЕ во 10 општини, на ДУИ во 12, а кандидатите на девет други партии, коалиции и од група избирачи водат во останатите општини.

Груевски - Нефер избори, но ВМРО-ДПМНЕ е голема партија

Изборниот ден помина во недемократска атмосфера, а и изборната кампањата се одвиваше во нефер услови, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Тој вели дека имало бројни нерегуларности, узурпирање на ресурси, притисок, поткуп на гласачи, манипулации со гласачки ливчиња... Но изборите не се завршени, а ВМРО-ДПМНЕ е голема партија, вели Груевски.

„Ќе следи анализа, ќе се анализира сè за да се утврди што друго освен нерегуларностите, од наша страна беше недоволно добро или погрешно направено за да добивме подобар резултат на овие избори. Јас имам највисока одговорност за сето тоа и идниот правец ќе се дискутира веднаш по изборите“, рече Груевски на прес-конференција.

МВР - Мирно без сериозни нарушувања

Изборниот ден помина мирно без сериозни нарушување на јавниот ред и мир, оцени Министерството за внатрешни работи. Министерот Оливер Спасовски на прес-конференција, по затворањето на гласачките места, рече дека се забележани повеќе мали инциденти како фотографирање на гласачко ливче, гласање за друг, поткуп и носење гласачи на избори.

„Досега примени се 46 пријави по разни основи. Во полициската статистика евидентирани се 44 прекини на гласање, на одделни избирачки места, каде што после консултации и краток застој, гласањето е продолжено. Приведени се десет луѓе за фотографирање на ливче, едно за неовластено снимање, три лица за давање поткуп и двајца луѓе затоа што гласале за друг“, вели Спасовски.

Внатрешната контрола на МВР постапувала во шест случаи кога било пријавено дека полициски службеник се однесувале незаконито или непрофесионално.

Набљудувачите нотираат одредени нарушувања на изборниот процес

Набљудувачите нотираа одредени нарушувања на изборниот процес и од страна на избирачки одбори и од гласачи и од партиски активисти. Од Граѓанската асоцијација МОСТ и од Цивил - Центарот за слобода меѓу другото забележале случаи на семејно гласање, неисправни УВ ламба, читање на глас на имиња на гласачи, измешан избирачки материјал, партиски членови кои агитирале пред гласачки места, обиди за поткуп, фотографирање на гласачки ливчиња.

Од МОСТ велат дека треба да се утврди дали институциите соодветно реагирале за изборните неправилности.

„МОСТ утврди помалку од 50 случаи на неправилности при гласањето“, рече извршиот директор на МОСТ, Дарко Алексов.

Од Граѓанската организација Цивил оценија дека изборите биле слободни со голем број помали нерегуларности и низа проблеми коишто се однесуваат на работата на изборната администрација, односно Државната изборна комисија и избирачките одбори.

„Педесет и шест проценти од извештаите кои пристигнаа во Цивил се однесуваат на проблеми предизвикани од непознавање најмногу на процедурите, но и од проблематично однесување на дел од избирачките одбори“, рече на прес-конференција претседателот на Цивил Џабир Дерала.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG