Лукаш со сецирање на „Транзициските хитови“

Триесет и три дигитални цртежи ја чинат изложбата „Транзициски хитови вол.1“ на мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш, што од 18 до 25 октомври ќе се одржи во Мобилна/Монтажна галерија во Скопје. На неа авторот „се обидел да ги разобличи и анализира кодовите кои преку производство на метафори користени во доменот на популарната култура, ја консолидираат митската позадина на една заедница“.

Изложбата „Транзициски хитови вол.1“ се осврнува на контекстот во кој е формиран стилот и продукцијата на хиперпродуктивната музичка и забавна индустрија почнувајќи од 90-тите години до денес. Високо перформативен и драматичен во изразот, во смисла на тенденција за создавање на широко распространето влијание во тековното секојдневие, овој музички жанр, поттикнат од острата и прецизна смисла на современиот контекст, дава фасцинантен приказ на кризата на идентитетот во општество на проблематичните, криминализирани транзициски околности. Нивното производство првенствено се препознава како контроверзна комбинација на различни влијанија и идеологии, со хибриден музички израз и репрезентација на локални, традиционални, национални и ултрамодерни западни влијанија. Оттука, она што е предизвик за Владимир Лукаш е да ги разобличи и анализира кодовите кои преку производство на метафори користени во доменот на популарната култура, ја консолидираат митската позадина на една заедница.

Ова, меѓу другото, ќе го забележи кураторката Јованка Попова во пресрет на изложбата „Транзициски хитови вол.1“ на мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш, што од 18 до 25 октомври ќе се одржи во Мобилна/Монтажна галерија во Скопје.

Таа дополнува дека тој „преку декодирање на музичките и вербални содржини и анализа на контекстот во кој се создадени, создава дигитални цртежи во кои ги препознава стереотипите на одреден контекст, за да одново ги репродуцира и акцентира, продолжувајќи ја нивната транзициска актуелност и во современието“.

„Транзициските хитови, односно целата поп музика од 1990-те се издвојува со едно прилично шаренило и со еден фантастично бизарен шарм во однос на современата поп естрада во Македонија која е потполно униформирана и стерилна. Контекстот од текстовите на песните од 1990-те може да се интепретира на полно начини. Јас го одбрав транзицискиот контекст кој е, онака, прилично свеж за сецирање. Не сум сигурен колку успеав во тоа, ама можам да кажам дека додека работев прилично се забавував“, вели Владимир Лукаш.

Дека авторот несомнено убаво се забавувал говори и фактот дека тој, помеѓу два проекта, наголемо размислува и за продолжение на еднаш веќе зачнатата сторија со „Транзициските хитови“.

„Двојката би требало да се појави некаде на почетокот на следната година. Се уште не сум почнал сериозно да работам на тоа, но едно знам – дефинитивно ќе се занимава со народњаците. Мора да се направи една „сериозна турнеја“ со изложбава по Австралија, Канада и некои други дијаспорски места“, истакнува уметникот со дополна дека досегал имал селектирано и премногу „хит нумери“, па така сега ќе мора да се зафати со одбирот на оние песни на кои би сакал „специјално да им се посвети“.

Роден 1978 година во Скопје, Владимир Лукаш е македонски уметник со голем број на таленти во своето творечко јас. Иако дипломиран музичар од одделот за џез на Факултетот за музичка уметност при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, тој е многу повеќе присутен на домашната (суб)културна сцена како ликовен уметник, аниматор и илустратор. Зад себе има бројни изложби, перформанси и работилници во и надвор од земјава, а во ко-авторство со Драгана Ефтимова е потписник и на „хипервитамизираниот“ роман „Се гледаме наскоро Е.“, што како издание на „Антолог“ се појави во јуни годинава.

Од друга страна, како творец со препознатлив уметнички ракопис кој зад себе има бројни анимации, дела од областа на видео артот и музички видеа, тој заедно со Жарко Иванов, со кого го работеа „Девојката што паѓа“ и моментално се во предпродукцијата на нивниот нов проект - анимирана детска бајка, неодамна ја потпишаа и визуелизацијата на песната „Лава, лава“ на битолчаните ФОЛТИН.