Покрај вестите од предизборната кампања за локалните избори в недела, со кои особено се претрупани интернет порталите, во медиумите изминатата недела доминираат и информациите за проверките на таканаречениот АКМИС-систем во Кривичниот суд преку кој се делат предметите на судиите по електронски пат.
Злоупотреби во судството
Нова Македонија со неутрален наслов: „Заврши увидот во АКМИС-системот во Кривичниот суд“ и дополнување дека претседателот на Комисијата која беше формирана по препораките од Прибе за евентуално откривање на злоупотреби на информатичкиот систем изјавил дека во наредните денови ќе се прави анализа за да се утврди дали изминативе две години имало злоупотреба на тој систем. Вечер со тврдење во насловот:
„Се изигрувал АКМИС-системот – Има злоупотреби во Кривичен, се чека финалниот извештај“, а порталот Фокус.мк со уште подетална информација и прашалник: „АКМИС-системот не функционирал со години, предметите се делеле на рака?“
Па дообјаснува дека во судот постоела практика предметите да им се даваат на рака на судиите, а неофицијално порталот дознава дека сомнежи за манипулации со електронскиот систем постојат за претходните шефови на Кривичен, судиите, „сваровски“ судијката Татјана Михајлова и познатиот Владимир Панчевски.
Предизборни обвинувања и фалби
А во меѓувреме, си течат предизборните обвинувања и фалби. Груевски на митингот во Берово изјави дека било потребно „помрачувањето кое го донесе СДСМ да се победи, ние ја носиме светлината која ѝ треба на Македонија“. Заев во Крушево порача: „Да изградиме европско Крушево во европска Македонија“.
Македонија бара од ЕУ ветер во грб
Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, го презентираше извештајот за тримесечната работа на новата Влада пред европските пратеници. Слободен печат наслови: „Добар ученик бара добар ветер во грбот – Македонија ќе стори сè за да покаже дека заслужува да ги почне преговорите“. И Вечер во насловот го цитира Димитров дека „побара ветер во грб за Македонија што поскоро да стане дел од ЕУ“, наведувајќи ги трите приоритети кои се цел на Владата: слободни медиуми, независно судство и демократски парламент.
Реформи во безбедносниот систем
Слободен печат го пренесува соопштението на владината прес-служба дека „Владата работи врз реформите на безбедносниот систем, УБК и Законот за следење на комуникациите“ како дел од Планот 3-6-9 и идејата реформата во оваа област да биде транспарентна, темелна и сеопфатна и под целосна контрола на институциите.
Младите незаинтересирани за политика
Политичарите со својата работа, младите со свои ставови. Нова Македонија објави: „Милениумската генерација незаинтересирана за политика“, всушност дел од истражувањата за младите спроведени минатата година на Институтот за социолошки и политичкоправни истражувања во Скопје. Кај родените помеѓу 1981 и 2000 година, според студијата, доминира идентификација на политичката со партиската активност, односот кон нивниот ангажман во политичките процеси е главно негативен, делумно поради верувањето дека со тоа ништо нема да се промени, а делумно поради асоцирањето на политиката со корупција, криминал и со нечесност. А Скопје, изгледа, урива неславни рекорди: „За 24 часа 15 сообраќајки, осум лица потешко повредени“ – објавија весниците и интернет порталите.