Независноста на Каталонија, прашање на денови

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Каталонија ќе прогласи независност за неколку денови

Претседателот на Каталонија Карлес Пучдемон изјави дека ќе прогласи независност во наредните денови. Овој потег ќе внесе дополнителни тензии со властите во Мадрид кои најавуваат дека ќе го чуваат единството на земјата.

Пучдемон во интервју за Би Би Си изјави дека тоа ќе се случи или до крајот на оваа или во почетокот на идната недела.

Тој притоа предупреди дека доколку шпанските власти интервенираат и ја преземат контролата врз Каталонија, тоа ќе биде „грешка која менува се“.

Претходно, во ретка интервенција на шпанскиот крал, Фелипе Шестти изјави дека државата мора да обезбеди функционирање на шпанскиот уставен поредок и правилно функционирање на каталонските институции.

Тој ги обвини сепаратистичките лидери за непочитување на демократските принципи и за поделба на каталонското општество.

„Каталонското општество е скршено и конфронтирано. Тие власти ги поткопаа чувствата на наклонетост и солидарност што ги обединија и ќе ги обединуваат сите Шпанци. Нивното неодговорно однесување може дури и да ја стави во опасност економската и социјалната стабилност на Каталонија и на целата Шпанија“, рече тој.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој референдумот го оцени како „исмејување на демократијата“, додека Европската комисија и изрази поддршка на мадридската позиција за референдумот.

Во меѓувреме, во Барселона и во другите каталонски градови десетици илјади луѓе протестираа против насилството на шпанската полиција во текот на гласањето.

На протестите полицајците беа нарекувани „окупациски сили“, а од премиерот Рахој е побарано да поднесе оставка.

Референдумот што се одржа на први октомври беше проследен со насилства по интервенцијата на полицијата на гласачките места при што беа повредени скоро 900 луѓе. Уставниот суд на Шпанија референдумот го прогласи за незаконски.

На референдумот, според каталонските власти, 90 насто од 2,26 милиони луѓе кои излегоа да гласаат се изјасниле за независност на Каталонија.

Одѕивот бил 42 насто од 5,34 милиони регистрирани гласачи. Каталонија е најбогатиот шпански регионсо посебен јазик и култура. Дел е од Шпанија од 15 век, но со изразени сепаратистички чувства.