Каталонските сепаратисти, предводени од каталонската влада на Карлес Пуќдемон најавија дека ќе и се спротивстават на владата на шпанскиот премиер Маријано Рахој.
Тие велат дека нивната желба за независност е поттикната од нивниот уникатен идентитет, јазик и култура, како и од нивната потрага по подобра иднина.
Според нив, Каталонија, која е една од најбогатите автономни заедници во Шпанија, дава премногу пари од буџетот за посиромашните региони
Многумина, како што е каталонскиот пратеник Џоан Коскубиела од левата платформа „Каталонија, да можеме“ оценуваат дека одбивањето на Рахој да преговара со сепаратистите ги зголемува сепаратистичките чувства.
„Зошто дел од Каталонците сакаат независност? Од многу причини: прво затоа што сакаат да решаваат за својата политичка иднина, второ поради тоа што автономијата која се појави во 1978 година истече како општествена структура и трето, бидејќи г-дин Рахој е многу неодговорен со тоа што не нуди решение“, вели тој.
Според него, единствено остварливо решение би било референдумот со преговарање, како оние што беа спроведени во Канада со Квебек и Британија со Шкотска.
Со него се согласува и Марија Валеспир:
„Шпанија во основа е традиционално репресивна држава, ние никогаш не сакавме да бидеме дел од неа, никој не не ни прашуваше и на легитимен начин сакаме да се отцепиме“, вели таа.
Џорди Санчез пак вели:
„Независноста на Каталонија не е против никого, таа не е против Шпанија и многу помалку против Шпанците“, вели тој.
Каталонската влада вели дека, ако референдумот успее, еднострано ќе прогласи независност во рок од 48 часа. Потоа ќе започне да пишува нов устав и да ги гради структурите на новата држава, како што е државната каса, централната банка или армијата.
Мадрид смета дека гласањето е незаконско и најави брзо дејствување за да ја спречи владата на Каталонија да го стори тоа.
Таканаречената „нуклеарна опција“ ќе биде ако се примени членот 155 од Уставот, кој му дава на Мадрид моќ да ја суспендира регионалната влада.