Достапни линкови

Каталонците не се откажуваат од референдумот за независност


Каталонците упорни за независност
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:22 0:00

Каталонците упорни за независност

Каталонските политички лидери се состанаа во петокот (03.10.2014) за да ги разгледаат наредните чекори во врска со референдумот за независност на Каталонија, закажан за 9-ти ноември. Владата на Шпанија не се согласува со овој референдум, а Уставниот суд го забрани.

Претседателот на богатиот северо-источен регион, Артур Мас, формира 7-член комитет кој треба да го надгледува гласањето на референдумот за независност на Каталонија, што се смета за прв конкретен чекор во насока на одржување на референдумот и покрај одлуката на Уставниот суд, кој реши да ја преиспита легалноста, што практично значи дека го суспендира.

Каталонија има околу 7,5 милиони жители, централен град е Барселона, а каталонците имаат и свој јазик. Веќе подолго време настојува да се одвои од Шпанија, а овие намери особено зајакнаа по референдумот во Шкотска за независност. Таму беше неуспешен, но каталонците се убедени дека кај нив ќе успее.

И покрај противењето на Мадрид, каталонските политички партии и активисти се подготвуваат за референдумот. Една група активисти, наречена Ла Фабрика, спроведува своја кампања под мотото: ,,Замолчани и во кафез”. Тие сакаат да обрнат внимание врз проблемот со референдумот со поставување гласачки кутии во кафез на повеќе места низ Каталонија. Ги фотографираат и ги ставаат на интернет.

Портпаролот на групата Лиз Кастро изјави дека се обидуваат на креативен начин да обрнат внимание врз проблемот.

„Сакаме да мислиме на ова како на мирен начин на покажување на нашите чувства. Најважна работа е што движењето за независност на Каталонија е ектремно мирољубиво. Решени сме да нема насилства. Ќе палиме свеќи, ќе пееме песни, ќе превземаме други слични активности.“

Стотици илјади Каталонци излегоа на улиците на Барселона на 11-ти септември, облечени во црвени и жолти бои и ја направија буквата „В“, што означуваше симболика дека сакаат да гласаат на референдум за независност. Минатата година, за истата цел, направија синџир од луѓе кои се држат за раце во должина од 480 километри, од северот до југот.

Деновиве, тие поставуваат кутии за гласање во кафез низ улиците на Барселона, кои симболизираат дека сакаат да гласаат, но оти не им се дозволува.

Ваквиот потег им е симпатичен и на локалните жители и на туристите.

„Сите иницијативи се добри, но тоа се само иницијативи. Но, кога ќе се свртиме кон фактите, ќе видиме дали е добро или лошо, “, вели еден локален жител.

,,Ни го привлече вниманието. Мислам дека е добро и дека има симболика на она што се обидуваат да го направат“, велат туристите.

Многу од балконите во Каталонија се декорирани со сепаратистички знамиња, со што луѓето ја искажуваат подршката за независност. Активистите, исто така, ги повикуваат луѓето да поставуваат кафези на нивните балкони или пак да ги цртаат во знак на протест против одлуката на Уставниот суд на Шпанија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG