Победник на локалните избори ќе биде онаа партија која ќе освои повеќе гласови или пак повеќе општини? Прашањето се наметна по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски дека еден од најважните репери за победа на изборите е бројот на општините, но значаен е и бројот на гласови. Експертите се согласни- важно е кој ќе ја добие довербата во клучните општини, но важни се и гласовите за опозицијата да нема алиби да бара предвремени парламентарни избори.
Политикологот од Факултетот за општествени науки Митко Гаџовски смета дека победникот на изборите е партијата која ќе освои најмногу гласови во големите градови, како Скопје, Битола, Прилеп и Охрид, како и во Тетово, Гостивар и Дебар. Така што, според него, секако дека е важен бројот на освоените општини, меѓутоа многу е поважно да се има и глас повеќе од политичкиот противник.
„Всушност и на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ беше истакнато доколку партијата освои глас повеќе ќе бара предвремени парламентарни избори, така што мислам дека клучно ќе биде која од поголемите политички партии ќе освои поголем број на гласови, но секако според мене најважно е кој ќе ги добие најголемите општини во Македонија. Не се за потценување и малите општини, меѓутоа тежината на политичката победа сепак се мери по тоа кој ќе ги добие големите градови и кој ќе има поголем број на гласови на територија на цела Македонија“, посочува Гаџовски.
Политичкиот аналитичар Алајдин Демири вели дека претстојните избори се најнезгодни по однос на тоа прашање и според него, за победник се смета оној кој ќе го добие Градот Скопје и општините, како и другите поголеми градови. Но како што посочува, на овие избори ќе се тактизира и за победа ќе се смеаат и гласовите и општините.
„Што значи е кумулативно кој колку гласови во целина ќе освои. Не колку општини, туку гласови, затоа што вредноста на овие гласови ќе биде показател дали ќе се стабилизира Владата или ќе одиме на предвремени избори. ВМРО-ДПМНЕ интензивно работи овие избори да ги добие во бројки, односно со повеќе гласови за да има право да бара предвремени избори“, истакнува Демири.
Локалните избори клучни за ВМРО-ДПМНЕ
Според Гаџовски, секако дека политичките партии ќе ги интерпертираат резултатите како што на нив им одговара, меѓутоа реалноста ќе биде поинаква.
„Мислам дека овие избори ќе бидат да се биде или не за ВМРО-ДПМНЕ и раководството затоа што ако се соочат со пораз одредени личности од таа политичка партија ќе мора да сносат одговорност. Од причина што за многу краток период ја загубија централната власт сега доколку ја загубат и локалната власт ќе мора раководството на чело со Никола Груевски да си понесе оставка“, додава Гаџовски.
Груевски истакна и дека доколку неговата партија ги загуби изборите, тој ја носи најголемата одговорност за поразот. Кампањата за изборите започна в понеделникот, шеесетите локални избори се закажани за 15 октомври, а ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје.