Фокус – Рашковски, врати се на Правен!
Фокус објавува опсежна анализа - портрет од својот главен и одговорен уредник на генералниот секретар на новата Влада, за кого во последно време се „шушкаат“, море и се објавуваат непријатни податоци. Кога Заев го постави професорот Драги Рашковски за генерален секретар на Владата, за многумина тоа беше вистински потег, почнува анализата во неделникот, зашто своите иновации и идеи ќе може да ги примени во интерес на два милиони граѓани. „За жал“, пишува авторот врз база на педантното истражување и анализирање на работењето на Рашковски на Правниот факултет во Скопје, и во периодот од неколку месеци на новото работно место, „тој почна да заличува на крава која дава десетпати повеќе млеко од другите во стадото, но на крајот знае да ја клоцне кофата и да го истури млекото“. Фокус наведува детали за анти-НАТО настапот на студентот Рашковски на ораторскиот натпревар на неговиот факултет, неговата преголема активност со постови на интернет за сè и сешто од работата на Владата, надвор од неговите ингеренции, потоа ангажирањето на тештата Елена Начевска за претседател на Второстепената комисија на Владата за одлучување по жалби, па ангажирањето на адвокатската канцеларија на неговиот кумашин Дејан Костиќ да извршува дел од правните работи на Владата и за тоа, се разбира, додава авторот на текстот, да наплаќа пари. Фокус отворено го прозива премиерот Заев, да реагира и да му ги исече, вели, „преголемите амбиции“. „Ако реши да му прости, премиерот врз себе го презема огромното бреме на непотизмот, корупцијата, судирот на интереси против кои неговата влада вети дека ќе се бори, а не самата да ги практикува“ – му порачува Фокус на Заев.
Капитал – Расте оптимизот на граѓаните за политичката ситуација
Капитал објавува повеќе детали од неодамнешната анкета на Меѓународниот републикански институт – ИРИ, која покажува голем пораст на оптимизмот во врска со политичката ситуација во земјава и изгледите за членство во ЕУ. Според резултатите, бројот на граѓани кои ја опишуваат внатрешната политичка ситуација како „мирна и стабилна“ се зголемил од само 5 отсто во март, на 44 отсто во август 2017. Според ИРИ, оваа промена веројатно е поврзана со неодамнешното формирање нова Влада по две години политички конфликт и несигурност. Процентот на оние кои ја опишуваат моменталната состојба како „напната и неизвесна“, пак, паднал за 18 отсто, поточно, од 62 проценти во март, на 44 проценти во август годинава, а бројот на оние кои ја нарекуваат ситуацијата „критична и нестабилна“, бележи пад од 22 проценти и тоа од 32 отсто во март 2017, на 10 отсто во август 2017. Од ИРИ, исто така, посочуваат дека македонските граѓани изгледа се пооптимистични по прашањето за изгледите за пристапувањето во ЕУ отколку кога Македонија го доби кандидатскиот статус. Бројот на оние кои мислат дека земјата сега е поблиску до пристапување во Унијата скокнал од 13 проценти во март на 41 проценти во август годинава. Поддршката за членството во ЕУ и понатаму е силна, 77 проценти, со подобрување за 5 отсто од март оваа година. Регионалниот директор на ИРИ за Европа смета дека резултатите од ова истражување се многу охрабрувачки и дека новата Влада треба ова да го препознае како можност да ја поврати вербата на граѓаните на Македонија и да преземе суштински мерки за решавање на прашањата кои се од најголема важност за нив.