Државна фотелја за своите, трета смена во фабриките за туѓите

Децата на ниеден функционер во Битола не работат во странските инвестиции со кои се фалат. За своите ги претпочитаат јавните претпријатија.

На ниеден функционер од Битола, синовите и ќерките не му работат во фабриките отворени како странски инвестиции, со кои години наназад се фалат властите дека ја намалиле невработеноста. Наместо, на пример во германската компанија „Кромберт и Шуберт“, децата си ги вработуваат во јавните претпријатија, МВР, РЕК, во образование. Тоа со личен пример го потврди и битолскиот градоначалник Владимир Талески, кој за најголем успех во кариерата ја смета фабриката во Жабени, но двете ќерки ги вработи во државна служба. Има и други функционери чии деца се во државни јасли.

Во Битола многумина завршиле факултет, но ја немале среќата да земаат државана плата. Низ градот може да се слушнат шеги како сите такстисти се машински инженери, завршиле Машински факултет, па немајќи работа возат такси, правници и биотехничари станале шанкери и келнери, дипломирани учителки работат трета смена во фабрики.

Според ова, невработените, макар и со факултет, немаат некој избор. И во огласите на интернет страницата на Агенцијата за вработување се бараат шанкери, возачи на камиони, работници за утовар и претовар, продавачи, пица мајстори, магационери. Од 114 слободни места на прсти се бројат оние за високо образование, бараат еден фармацевт, еден биотехничар, машински инженер.

Битолчани велат да добиеш работа со образованието што си го завршил е лото. Тоа го потврдува и фактот што 369 невработени лица чекаат работа од пет до седум години, а 644 повеќе од осум години.

Бројката од 6000 невработени, според официјалните податоци на Агенцијата за вработување, на дел битолчани им изгледа нереална. До 2012 таа бројка беше 15.428, за само за една година во 2013 падна на помалку од половина, поточно 6.880. Таа година проработи фабриката за автомобилски кабли „Кромберг и Шуберт“, но таму се вработени околу 3.000 битолчани. Друга поголема инвестиција немаше, па се поставува прашањето каде отишле другите невработени? Аналитичарите велат дека тоа е всушност бројката на иселени невработени битолчани.

„Причина е масовното иселување на младите луѓе во странство преку разни лотарии или со вадење на бугарски пасош. Потврда дека невработеноста не се намалува е сè поголемата сиромаштија и сè помалата куповна моќ на битолчани и битолските фирми. Доказ е тоа дека во Битола сè помалку се купува неизградено земјиште, сè помалку се гради и сè помалку се плаќаат комуналии, а потврда за ова е тоа што во буџетот на Општина Битола, по сите овие основи, од година во година се слеваат се помалку средства“, вели Александар Касапов, советник од ЛДП.

Не само што навработените се бришат по разни основи во евиденцијата, туку и дел од лицата без работа престанаа да се пријавуваат во Агенцијата за вработување. Битола по број на невработени е на шесто место во државата, но на второ место по невработени факултетлии. Ги има 1111 со високо образование, а во Скопје 1422.

„Има лица кои се невработени, а не се евидентирани како такви. Било поради тоа што АВРМ нашла основа во нивниот случај да ги избрише од евиденцијата, било поради тоа што тие веќе не гледаат поента да се пријавуваат во АВРМ како невработени лица. Оваа категорија на неевидентирани невработени лица воопшто не е за занемарување и вистинската бројка на невработени лица ја прават не само лицата кои се заведени како такви од АВРМ, туку и неевидентираните невработени лица. Не мислам дека оваа вкупна бројка на невработени лица во Битола, ако се изземат лицата кои се иселиле од Битола, воопшто се намалила“, вели Здравко Савески од „Левица“.

Наспроти ваквата слика, поранешниот заменик министер за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими деновиве се пофали дека мерките за вработување на државата дале резултат зашто вработиле 43.000 лица на државно ниво, а екс премиерот Никола Груевски рече дека поволностите за вработување ги искористиле дури 4100 компании.

Битолскиот градоначалник Владимир Талески, пак, во неколку наврати изјави дека општината успешно се избори со невработеноста, зашто со странската инвестиција „Кромберг и Шуберт“ се вработија 3000, но инвестираат во нов погон каде ќе се вработат уште 1500 лица.